Свет

Како била убиена бугарската новинарка Маринова?

Полицијата пронашла ДНК материјал на местото каде на суров начин беше убиена 30-годишната истражувачка новинарка, Викторија Маринова, која воедно беше и административен директор на ТВН во Русе, Бугарија.

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, вели дека прашање на време е кога ќе биде откриен сторителот. Тој истакна дека во истрагата се вклучени најискусните експерти.

Телото на новинарката Маринова беше пронајдено вчера во грмушки во близина на кејот на реката Дунав. Идентитетот бил откриен доцна вечерта.

Според првичните информации, новинарката била нападната додека трчала по кејот на реката во Русе.

Таа во 10:30 часот пиела кафе со колеги, а потоа рекла дека ќе оди на кејот. Во 14:18 случаен минувач пријавил дека нејзиното тело е пронајдено.

Моментално се разгледуваат сите можни верзии на убиството на новинарката Маринова, која била претепана, силувана и убиена. Кога било откриено телото, недостасувале мобилниот телефон, клучевите од автомобилот, очилата, личните документи и дел од облеката.

Маринова била водител на истражувачката емисија „Детектор“. Во последното издание на емисијата е емитувано интервју со новинарот Димитар Стојанов и романскиот колега Атила Бирол, кои биле приведени од страна на полицијата додека работеле на истрага поврзана со градежна компанија.

„Во близина има психијатриски болници, па затоа, тие се предмет на наша проверка. Во близина имало камери и сведоци, кои ќе помогнат да се дојде до сторителот. Се разговара и луѓето кои биле блиски до починатата, за да утврдиме дали таа имала проблеми пред да се случи бруталното убиство“, вели министерот за внатрешни работи Младен Маринов.

„Истражувачкиот институт за криминалистика веќе истражува докази откриени на местото, пишуваат локалните медиуми. Институтот очекува дека во кратки рокови да добие резултати со анализа на истите“, вели обвинителот Георги Георгиев.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток