(Мерки) Итно постапување за да не се угушиме во зимското загадување – што се бара од Град Скопје


„Зелен хуман град“ поднесе иницијатива за преземање итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје. Иницијативата се состои од 14 точки, 6 за итно постапување и 8 за комплетирање до крајот на мандатот на локалната самоуправа.
„Критично е Град Скопје да преземе мерки пред да почне главната сезона за загадување. Поголем дел од овие мерки ги имавме предложено и во јануари, но тогаш не наидовме на голем одзив од колегите. Затоа сега се надеваме дека нема да има никакви пречки од администрацијата и колегите советници, туку веднаш ќе пристапиме кон имплементирање на овие обврски.
Загадувањето е национален проблем, и Град Скопје мора својот дел да го заврши, но и Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина имаат своја улога (која ретко ја сфаќаат сериозно).
Животен тек на една иницијатива:
1. Се поднесува до претседател на совет.
2. Претседателот ја препраќа до градоначалник за мислење.
3а. Доколку мислењето е позитивно, градоначалникот на следна седница поднесува предлог-одлука која треба да се усвои од советот.
3б. Доколку мислењето е негативно или нема мислење, советот пак има право да ја постави точката на дневен ред на следна седница и да ја изгласа.
Се надеваме дека нема да има потреба да се оди по потешкиот пат, и ќе се сложиме заедно со градоначалничката и секторите дека ова е повеќе од потребно веднаш“, велат од иницијативата.
