Пратеникот Љупчо Пренџов од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со неколку прашања поврзани со работата на ФЗО, а во контекст на случајот на Онкологија. Прашањата ги постави до Миле Сугарев, раководител на сектор за финансиски прашања и в.д. директор на ФЗО шест месеци пред Магдалена Грашкоска.
Едно од прашањата на кое побара прецизен одговор беше „кога дојдовте во 2020 година за в.д. директор на ФЗО, дали правевте примопредавање со Ден Дончев и дали разговаравте со него за Клиниката за онкологија“?
„Според кои акти и на кој начин ги распоредувавте средствата за Онкологија, особено условните буџети, кои се производители и кои се дистрибутери на скапите биолошки лекови за кои одобрувавте средства, дали сте свесен како човек и директор за нефункционирањето на здравствениот систем воопшто со акцент на Клиниката за онкологија“, Пренџов го праша Сугарев од ФЗО.
Пренџов во образложувањето и при поставувањето на прашањата до Сугарев посочи дека се надева оти во иднина по овој скандал на Онкологија ќе почнат сите да работат по закон.
„Се надевам, по овој скандал, ќе работите по закон“, рече Пренџов додавајќи оти Сугарев во излагањето по претходното прашање со леснотија кажувал дека не се почитуваат законите и оти е негативно изненаден.
Пренџов заклучи „не е нормално таа девијација да ни ја претставувате како нешто нормално“.
