Коментари

Ќерката на Чавков: Неправдата не се мери, грев е што устите ви се затворени кога треба да врескате од болка за туѓата неправда

Зорица Чавкова, ќерка на осудениот поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој издржува 16 годишна затворска казна за „27 април“, јавно порача дека Божји грев е што устите се затворени кога има туѓа неправда. Порача дека е бруталност да се осудат лицата обвинети за извршување на упадот во Собранието на два века затвор.

„Во отсуство на правосилна (каква таква) одлука за ‘Организаторите’ на 27ми април, не можам да дигестирам дека веќе 6 години лежат затвор ‘Извршители’ на недокажана организација/сценарио за рушење на уставниот поредок. Божји грев е што устите ви се затворени или полуотворени кога треба силно да врескате од болка поради туѓата неправда.

Во политиката и правосудството најопасни се ликовите кои немаат никаков порив за правда. Неправдата не се мери, но она што ги снајде киднапираните петнаесетина невини души осудени на 2 века затвор е бруталност на трулото општество од најагресивен вид. Да се биде неемпатичен при неправда од вакви размери, е да се биде осуден на мизерија и гниење на празната душа и да се обезбеди добро место на буниште на историјата. Проклетство ќе ја прати Македонија се додека не излезат осудените на слобода“, напиша Чавкова.

На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор. Тој е осуден за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

На почеток