Македонија

Игуман на косовски манастир, поп Македонец во СПЦ – протеран од Косово

Игуманот на манастирот на СПЦ, Девина Вода во Косово, отец Фотије вчеравечер е протеран од Косово во Македонија, објави веб медиумот Коссев.

Отец Фотије чие граѓанско име е Александар Костовски е роден во Скопје во 1981-ва година, а по завршена музичка академија во Софија во Бугарија, во 2004-тата се замонашил во Косово во Епархијата на Српската православна црква по што во 2009-тата станал игуман на манастирот во близина на Звечан во северно Косово.

Тој е протеран откако поднел барање за продолжување на престојувалиштето во Косово. Службите во Приштина го притвориле и со образложение “причини од национална безбедност” му определиле протерување.

Од Рашко-Призренската Епархија во која спаѓа и протераниот свештеник обвинуваат дека косовските власти не се придржувале до Законот за верски слободи и противправно и произволно го протерале отец Фотије додека ги подигнувал веќе одпбрените документи за престој.

„Кога денеска требаше да подигне нова дозвола со лична карта, без образложение му беше кажано дека барањето му е одбиено. Притоа, иако имал одобрена дозвола за престој која важи до 11. ноември годинава, му било кажано дека мора веднаш да оди во притвор и дека ќе биде депортиран од Косово. Во документот што му е доставен, се цитирани членовите од законот кои се однесуваат на „причини од национална безбедност“ без да се споменува никаква кривична или друга одговорност, бидејќи отец Фотије немал никакви проблеми од тој вид“ – се наведува во соопштението на Епархијата.

„Во крајно непријатна ситуација на притисок, отец Фотије беше принуден да ги потпише документите што му беа врачени. Документите му биле дадени на албански јазик, а подоцна му биле преведени. После тоа бил претресен со рацете на ѕидот и му било кажано дека доколку сака да избегне притвор, по што сигурно ќе остане без право на престој, веднаш може да биде депортиран без службен притвор“ – додаваат оттаму.

„Рашко-призренската епархија го изразува најсилниот протест во врска со овој невиден настан, во кој долгогодишен свештеник на Рашко-призренската епархија, кој повеќе од 13 години е на Косово, без никакво јасно објаснување беше депортиран со забрана за враќање на Косово во следните 5 години и со поништување на сите досегашни дозволи за престој“ – реагираше во соопштени Рашко-призренската епархија.

Случајот го набљудувале и претставници на ОБСЕ кои според СПЦ не добиле објаснување од Приштина за протерувањето на свештеникот којшто синоќа со полициска придружба е депортиран преку преминот Блаце.

На почеток