Mинистерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, денеска ги доделија договорите за месечен надомест на учениците во втора година кои се дел од специјалната ЕВН-паралелка во СЕТУ „Михајло Пупин“ од Скопје.
„Овој проект е успешен начин на градење вештини потребни на пазарот на работната сила. Ги охрабрувам и другите компании да го следат примерот на ‘ЕВН Македонија’, која направи специјална паралелка за стручно оспособување на средношколците. Придобивки од ваков вид образование имаат и компанијата, која веднаш си обезбедува стручен кадар, и учениците, кои, освен што стручно се оспособуваат, добиваат и надоместок за практиканстката работа, но и вработување веднаш по завршувањето на образованието. На овој начин се решава недостигот на стучен кадар, кој во последните неколку години е сè поизразен, но истовремено се намалува невработеноста“, изјави министерката Царовска.
Претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, пак, рече дека задоволство е да им се помогне на ученици што успешно ја поминале првата година во ЕВН-паралелката и се подготвени за нови знаења и предизвици.
„Инвестицијата во средства и човечки ресурси, што ја направивме со овој проект, ја градат идната работна сила не само на ЕВН туку на целата земја. Тоа нè етаблира како лидери на промените што треба да следуваат во образованието во насока на обезбедување квалификувани кадри на пазарот на труд“, изјави Петер.
Како што информираа преку соопштението од Министерството за труд и социјална политика, со оперативниот план компаниите имаат можност да отвораат тренинг-центри, чија основна цел е да обучуваат и преквалификуваат стручен кадар, кој потоа би го вклучиле во производствениот процес. Исто така, Министертвото за труд и социјална политика изготви и закон за практиканство, со кој првпат во Македонија се овозможува ограничен период на платена работна пракса во која ќе биде вклучено и учење и обука.
