Македонија

ДУИ да оди во опозиција – Османи објаснува за причините

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, тврди дека коалицијата со Алијансата за Албанците во Владата функционира професионално и покрај сè почестите повици и јавно изнесени ставови на членови на Алијансата дека ДУИ треба да оди во опозиција. Османи уверува дека комуникацијата меѓу коалициските партнери не е нарушена.

 

„Во Владата немаме никакви разлики. Најсоодветно комуницираме, соработуваме сите министри – дали од Алијансата, дали од ДУИ, дали од СДСМ, така што апсолутно немам забележано никаква разлика во ставови или забелешки во однос на работењето на кој било од коалициските партнери и мислам дека тоа е важно. Другото нема да го коментирам. Важно е дека имаме добри меѓучовечки релации, добра соработка, професионална, како министри и како коалициски ни партнери во рамките на Владата. Апсолутно немам забележано никакви разлики во дејствувањето“, рече министерот Османи.

 

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во неколку наврати досега јавно го искажа ставот дека ДУИ треба да замине во опозиција оти веќе 21 година е на власт, има навлезено длабоко во сите институции поради што тој лично смета дека ДУИ е рак за општеството. Сличен е ставот и на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој во емисија на „ТВ 21“  јавно порача дека ДУИ треба да се апдејтира и да оди во опозиција.

На почеток