Македонија

Учеството на извозот во БДП да се зголеми на 75 проценти

Помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни претпријатија реализираат извоз на регионалните пазари, а само три проценти се присутни на некој од пазарите во Европската унија зашто се уште се кадровски, финансиски и технички ограничени, беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија.

Според Комората, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, а за тоа е неопходно значително подобрување на трговскиот сектор. Најголем капацитет за освојување нови пазари или интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната и индустријата за мебел, како и текстилот.

„За да имаме извоз, најпрво треба да ја одработиме домашната задача, да креираме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, согласно стандардите на земјата во која се извезува. Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од сите земји и производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена“, истакна претседателот на Клубот на извозници при Комората, Глигор Цветанов на прес-конференција.

Негова оценка е дека домашните фирми инвестираат во раст, но не со тоа темпо како странските инвеститори.

„Странските инвеститори доаѓаат тука со веќе готов пазар, а македонските треба да се борат за пазарот и тоа е голема разлика. Странските и македонските компании треба да соработуваат, странските да им помогнат преку нивните производи дел од извозот да оди на тој пазар“, рече Цветанов.

Во контекст на потребните критериуми за извоз, Татјана Штерјова од Комората дополни дека за успешен пласман надвор е неопходно исполнување цел сет барања: за пакувања, означувања, стандардизација,.. Фирмите треба да располагаат со информации за потребите на пазарите и посебно, за дистрибутивните канали.

„Изминатите години континуиран е статусот на компании што извезуваат. Прашањата не ги лоцираме во дневно-политичките настани, туку во подлабоки, долгорочни фактори кои влијаат врз овој сегмент“, потенцира Штерјова.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток