Пресврт во судењето за „Ласкарци“: Пензиониран професор побива сѐ што вештачеле професори за „Дурмо турс“


Судењето за тешката сообраќајна несреќа со автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци од пред 5 години, затера по чудна патека, со погазување на вештачењето на професорите од Машинскиот и од други државни факултети, од страна на т.н. супервештак, кој е пензиониран професор во средно училиште, со лиценца за вештачење. Него го одредило Бирото за судски вештачења, под раководство на Валдет Џафери, претседател на разгранокот на ДУИ во Гостивар, пишува СДК.мк.
Денеска беше неброеното рочиште на кое се испитува супервештакот Љубе Постолов, кој признава дека автобусот бил неисправен, дека кочниците работеле само 29 проценти, дека црева виселе две години под него, тахографот бил местен да покажува помала брзина на движење, дека со црна лента биле залепени уредите кои покажувале повеќе неисправности на автобусот, но спротивно на професорите од Машинскиот факултет и на сообраќајните вештаци, тврди дека сето ова не влијаело за несреќата, туку исклучиво (не)реакцијата на возачот на автобусот.
Врз база на првичното вештачење од Машинскиот факултет и сообраќајните вештаци, на што се базира и обвинението, Обвинителството тврди дека токму неисправноста на автобусот на „Дурмо турс“, особено на кочниците, довело до тоа да кога обвинетиот возач изгубил контрола над автобусот, немал доволна ефикасност на сопирачкиот механизам, за да го сопре автобусот.
Со 29 процентна способност на кочниците, возачот успеал само да ја намали брзината пред да се преврти автобусот и да се случи катастрофата, стои во првичното вештачење од универзитетските професори.
Па така супервештакот денеска, одговарајќи на прашањата на адвокатот на возачот, спротивно на сите други вештачења претходно, даваше поинаква теза дека автобусот всушност сам ја намалил брзината поради отпор, а не поради човечка реакција. Но адвокатот на Трифуновски преку прашања за кои Судот даде широки можности, одеше точка по точка да ја побие апсолутната вистина на супервештакот дека возачот не реагирал за да ја врати контролата над автобусот полн со патници.
За потсетување, техничката станица сопственост на „Дурмо турс“ својот неисправен автобус го пуштила да сообраќа како исправен и притоа да загинат 16 лица, а 30 да бидат тешко да повредени.
