Брзи пари: Зделка од 2,6 милиони евра на Лотарија во раце на газдата на „Пуцко Петрол“


Од пред пет дена, Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, е нов сопственик на „Хеј ДООЕЛ“, компанија која склучи договор за закуп на деловни простории со Државна лотарија во скопско Визбегово тежок над 2,6 милиони евра, пишува Слободна Европа.
Промената на сопственоста е извршена во Централниот регистар на 26 октомври 2023 година. Пријавата за бришење на досегашниот сопственик, Армин Машовиќ е поднесена на 20 октомври, стои во електронската база на Централниот регистар во делот за упис на промени.
Временски, тоа е само два дена подоцна откако РСЕ објави дека 33 годишниот скопјанец Машовиќ за неколку месеци ја формирал „Хеј ДООЕЛ“, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп на истите за сума од над 2,6 милиони евра.
Истражувањето на РСЕ објавено на 17 октомври покажа дека промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.
Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен шеф на кабинетот на Артан Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
