Ние денеска сме сведоци на тоа што тие што најмногу дадоа за оваа држава до 80-тите и 90-тите години ги мерат улиците и протестираат и крај со крај не може да сврзат, алармира Димириевски


Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на вчерашното основачко собрание на политичката партија Движење Знам – За наша Македонија беше избран за претседател на новиот политички субјект Знам ветувајќи дека заедно со сите членови, заедно со граѓаните, ќе ги направи суштинските промени на политичката сцена во Македонија, почнувајќи од воспоставување ред и поредок, казнивост, одговорност и транспарентност и отчетност, кои се суштината и сржта на еден правен поредок во секоја организирана држава.
„Ние во Македонија сите мора да имаме еднакви права и обврски бидејќи денеска живееме во длабоко поделено општество, во кое се делиме на наши и ваши, брат со брат, поради политика, во државата не се разговара. Нашата цел е да го обединиме граѓанинот, да ги обединиме сите, без разлика какво е нивното политичко убедување и да им кажеме НЕ на актуелните политички елити што се одделија од народот. Тој што со народот не се дружел, не е вистинска власт. Живееме во време и невреме во кое правда и мир има само за нив, еднаквост наводно за сите, а подобар живот само за нивните деца“, рече лидерот на новиот политички субјект Знам – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
Политичкиот субјект Знам – За наша Македонија ќе има цел да работи на обединувачка агенда вложувајќи во најмладите, но и вреднувајќи го трудот и влогот што го дале највозрасните, без разлика на нивната политичка определеност, етничка или верска припадност.
„Ние денеска сме сведоци на тоа што тие што најмногу дадоа за оваа држава до 80-тите и 90-тите години ги мерат улиците и протестираат и крај со крај не може да сврзат. Тие што нè пораснаа и нè израснаа, тие што своите најубави години, наместо да ги живеат со внучињата дома, ги поминуваат на улица затоа што нема правда за нив. Затоа што гледаат дека тоа што го градеа своевремено во онаа СФРЈ со лопата, денешните генерации од аспект на политички елитизам го рушат со багер секојдневно и сè уште не може да го срушат. Затоа се охрабривме, и леви и десни, и неопределени, вечерва, овде симболично во оваа сала во Куманово, да дејствуваме заедно и да ја формираме новата и најголема политичка сила на македонската политичка сцена. Заради идните, младите генерации, тие што вчера завршија, тие што денеска студираат и тие што утре ќе учат и ќе се надградуваат“, потенцира тој.
Македонија мора да оди напред, да се менува, да носи промени, кои ќе креираат подобар живот за сите граѓани еднакво, а политичката партија Движење Знам – За наша Македонија е формирана од тим на луѓе од разни профили, кои ќе ги донесат тие промени.
„Јас како Максим Димитриевски знам дека не можам да сторам ништо и затоа ми е чест што во овој тим на луѓе, со кои заедно ќе ми биде чест да се борам, имаме и пензионирани генерали, пензионирани припадници на АРМ и пензионирани луѓе од делот на безбедноста, универзитетски професори, луѓе од научната фела, но најбитно е – го имам работничкото срце со нас, го имаме и пензионерот, и студентот, и лекарот, и земјоделецот и го имаме темпераментот на секој Балканец, на секој Македонец и секој друг што живее во оваа држава. Јас знам дека ние можеме да успееме заедно со тоа што ќе направиме суштинска промена и ќе кажеме КРАЈ на една лоша ера и да почнеме да ја пишуваме новата историја на Македонија за сите. Македонија се буди, време е за промени“, порача Димитриевски.
Иницијативата за формирање политички субјект Движење Знам – За наша Македонија беше потпишана на 9 октомври оваа година по иницијатива на 10 граѓански здруженија и граѓани од Македонија. На вчерашното основачко собрание на политичката партија Движење Знам – За наша Македонија за членови на извршниот одбор беа избрани генерал Павле Арсоски, Жанета Делова и Игор Филков, а за членови на надзорниот одбор се избрани Ристо Николовски, Марјан Петковски и Урош Милошевски.
