Република

Адеми оствари средби со раководствата на „Еуримаж“ и на „Европскиот филмски маркет“

Министерот за култура Асаф Адеми, за време на својот престој во Берлин, во рамките на интернационалниот Берлински филмски фестивал оствари неколку работни средби со значајни претставници на врвни институции од областа на филмската индустрија.

Имено, во текот на денов (10 февруари) министерот Адеми се сретна со Кетрин Траутман, претседателка на „Еуримаж“, и со Роберто Ола, извршен директор на „Еуримаж“. На средбата, на која присуствуваше и Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм на РМ, министерот за култура го потенцираше огромното значење за Република Македонија и за македонската кинематографија што македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се наоѓа во официјална конкуренција на фестивал од А-категорија, особено што овој филм беше поддржан токму на Генералното собрание на Бордот на директорите на „Еуримаж“, што се одржа во Скопје во 2017 година.

Министерот Адеми на средбата го изрази своето задоволство од досегашната високопрофесионална соработка со Република Македонија како земја членка на Еуримаж и искажа уверување дека и во иднина македонската кинематографија ќе продолжи да ги следи европските стратегии во филмската дејност и да создава квалитетни европски копродукции.

Република Македонија од 2003 година е членка на „Еуроимаж“ – фонд при Советот на Европа чија цел е промовирање на европската филмска индустрија преку поттикнување на производство и дистрибуција на филмови и поттикнување копродукции меѓу филмските професионалци.

За време на посетата на Берлинскиот филмски фестивал, министерот за култура Адеми денеска се сретна и со Матис Воутер Нол, директор на Европскиот филмски маркет, кој е еден од трите најголеми филмски маркети во светот. На средбата стана збор за досегашната соработка на Агенцијата за филм на Република Македонија со Европскиот филмски маркет. Беше нагласено дека Агенцијата за филм секоја година е присутна на Маркетот со различни активности за промоција на македонската кинематографија, како и со проекции на македонски филмови. Министерот за култура Адеми го запозна својот соговорник дека Република Македонија и оваа година има проекции на Маркетот и изрази уверување дека најновите македонски филмови ќе имаат голема посетеност. На средбата беше истакната заинтересираноста за продлабочување на соработката преку заложбите и Република Македонија да има свој штанд на Маркетот каде што  Агенцијата за филм ќе има можност да ја претстави тековната македонска филмска продукција, како и можностите за снимање филмови во Република Македонија. Министерот Адеми истакна дека присуството на нашата кинематографија на Европскиот филмски маркет е од големо значење бидејќи потврдува дека се вложува во авторите и во филмската индустрија.

To Top
Close