Бектеши одговори – ќе поскапи ли струјата
Цената на електричната енергија нема да се зголеми ниту во блоковите ниту во целина, уверува министерот за економија, Крешник Бектеши. Надлежните институции во моментот прават анализи, но тие, според министерот, се за заштита на граѓаните.
„Цената на електричната енергија нема да се зголеми и во блоковите и во целина. Моментно се прават анализи од страна на Регулаторната комсија за енергетика и од надлежните институции во делот на блоковите бидејќи сакаме сè повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани, оние што штедат и оние што се предвидени во согласност со Министерството за труд и социјална политика и, секако, во согласност со она што е предвидено како ниски приходи од страна на Министерство за економија“, рече министерот Бектеши.
Тој објасни дека најголемо влијание на цената на струјата е маржата, која ќе ја понуди универзалниот снабдувач на тендерска постапка. На следниот тендер министерот Бектеши очекува понуда со пониска маржа во последните пет години.
„Универзалниот снабдувач со тендерска постапка конкурира за профитна маржа, која ќе ја има за следните пет години. Моментно е 11 и нешто во согласност со тендерот што беше пред пет години. Наредната година ќе видиме каква цена ќе добиеме. Јас сум убеден дека ќе биде под 11 %. Имајќи ги предвид сите влезни параметри и, секако, снабдувањето што се прави кон МЕПСО во делот на загубите и системските услуги што тие ги даваат. Ние не можеме да влијаеме само во делот на маржата што се добива во тендерска постапка од универзалниот снабдувач. Дали тоа ќе биде 10, 11 , 12 или, пак, 9 или 8, тоа ќе зависи од понудите што ќе бидат добиени наредната година во делот на универзалниот снабдувач“, рече Бектеши.
Од следната година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕСМ, последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.