(Видео) „Пендаровски еден месец молчи за секс-скандалот во армијата“
Претседателот Стево Пендаровски еден месец молчи за секс-скандалот во Армијата што ВМРО-ДПМНЕ го обелодени на 17 октомври, вели пратеникот Драган Ковачки.
Тој рече дека во скандалот се замешани највисоки воени раководители, но засега нема никаква реакција на министерот за одбрана и на претседателот, Стево Пендаровски.
„На седница на пратенички прашања министерот за одбрана јавно пред Ковачевски и пред пратениците потврди дека таа знаелс за овој случај и дека дала исказ во военото разузнавање. Претседателот Пендаровски, како и секогаш досега, рече дека не бил информиран и побара информациите што ги имаме да ги доставиме до надлежните институции. Бидејќи тој е надлежна институција, јавно се понудив да лично дојдам кај институцијата Претседател на државата. Досега помина повеќе од еден месец, а од претседателот нема никаков интерес за расчистување на случајот за кој министерката, повторувам, јавно од говорница рече дека знаела, а подоцна во текот на денот даде спротивна изјава за едно ТВ-интервју дека не била известена. Значи, знаела, но не била известена“, рече Ковачки.
Тој обвини дека со оглед на тоа што досега нема никаква реакција од Пендаровски за случај за кој во западните армии се носат најстроги санкции, јасно е станува збор за одреден договор – пазар или уцена кон него.
Пратеникот вели дека претседателот бега од преземање мерки кон лицата за кои е директно надлежен и му нанесува срам на угледот на АРМ, а која, за разлика од него, сè уште ужива голема доверба кај граѓаните.