(Видео) Со кадар на ДУИ, фотографирано лицето кое го симна црковното знаме на Попова Шапка, за да постави албанско


Јетон Абдулахи е лицето кое го симна и фрли црковното знаме, за да постави албанско на Попова Шапка. За чинот се пофалил сам на социјалните мрежи, претставувајќи го својот подвиг како „херојски“. Абдулахи не и е познат на јавноста, но на неговиот профил на „Фејсбук“, во март, споделил фотографија со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, кој е кадар на ДУИ. Таа фотографија му била и профилна, со која се претставувал пред пошироката публика.
Од ДУИ, досега, не излегоа со став за чинот кој предизвика меѓуетничка нетрпеливост, а донесе и санкционирање за Абдулахи. Директорот на ФИТР, неофицијално, е и негов соселанец од Шипковица.
Триесет и тригодишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица е уапсен синоќа околу 23:30 часот откако полициски службеници го идентификувале дека два часа претходно го симнал знамето на МПЦ од манастирот на Попова Шапка и го заменил со албанското знаме.
„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер околу 23:30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој е осомничен дека два часа претходно од јарболот на манастирот ’Свети Наум Чудотворец’ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ – Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија“, велат од МВР.
