Некатегоризирани

Завршни зборови за „27 април“: Трајковски во Собранието влегол од радозналост

 

На денешното рочиште за предметот „27 април“ на СЈО, повторно се даваа завршни зборови од дел од адвокатите на обвинетите во процесот.

Обвинетиот Влатко Трајковски во Собранието на 27 април 2017 влегол од  радозналост, а не за да стори кривично дело, а пратениците и новинарите ги прскал со ПП апарат бидејќи бил исплашен и депресивно растроен,  рече адвокатката Билјана Стојановиќ во завршните зборови на денешното судско рочиште за „крвавиот четврток“.

Според неа, за невиноста на Трајковски говореле и сведоците, а еден од нив посочил и дека помагал на една повредена пратеничка во нејзиното извлекување од Собранието.

Адвокатката Стојановиќ рече дека Трајковски бил бранител од 2001 година и поради тоа имал депресивно растројство, при што не можел да ги контролира своите емоции и во Собранието со ПП апарат ги испрскал неколку пратеници, свесен дека со тоа нема да ги повреди.

Таа од Судот побара ослободиделна пресуда за Трајковски, бидејќи, според неа, доказите на обвинителството не покажале дека тој го сторил кривичното дело.

И адвокатката на обвинетиот Никола Митревски – Кољо, Маја Дојчиновска пред Судот истакна дека тој во Собранието влегол без фантомка и оти не превземал никакви дејствија.

По изнесување завршни зборови од адвокатите на сите 17 обвинети во овој случај, можност да дадат завршни зборови ќе имаат и самите обвинети.

Судскиот процес почна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.

На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток