Некатегоризирани

Инвеститорот на деветкатницата има уште две парцели во близина на „Мајчин дом“

Инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ е сопственик на уште две локации во близина, кои сега се зеленило. Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги „ЗСФ-ком“, според електронските податоци од Катастарот, е сопственик и на парцелата покрај „Мајчин дом“, која граничи со парцелата за деветкатницата, но оваа компанија се јавува како сопственик и на полјаната меѓу училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ и црвените кули во Аеродром, каде што сопствеништвото го дели со „Еуроактива“.

Покрај „Мајчин дом“, „ЗСФ-ком“ има 1.495 квадратни метри, а во близина на „Ѓорѓија Пулевски“ парцелата е 136 квадратни метри поголема од онаа за деветкатницата и има површина од 3.674 квадратни метри.

Од Општина Аеродром смируваат и тврдат дека на полјаната не може да се појави објект оти нема маркичка за градење, туку во ДУП просторот е потврден како зеленило и покај тоа што е приватна сопственост.

Жителите на Аеродром не веруваат на ваквите тврдења од Општината бидејќи и просторот за деветкатницата до април лани беше зеленило без маркичка за градење, но во приватна сопственост, а годинава веќе се гради деветкатница. Зеленилото меѓу булеварот Јане Сандански и „Мајчин дом“ стана приватна сопственост пред десетина години, а деветкатницата беше предвидена лани.

Сопственикот на „ЗСФ-ком“, Фатмир Етеми, е недостапен за коментар, а не одговара ниту на прашањата испратени на официјалната имејл-адреса на компанијата.

Жителите на Аеродром очекуваат и овие две парцели да се најдат на дневен ред на вонредната седница на Советот на Општина Аеродром закажана за петок, на која треба да се бара решение за трајно стопирање на деветкатницата.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток