Свет

Русија се подготвува за долг конфликт со Западот

Естонија: Русија ја разбира само груба сила, треба некој да и’ ја скрши кичмата

Финскиот премиер Петери Орпо денеска изјави дека Русија се подготвува за „долг конфликт со Западот“, барајќи да се распределат повеќе пари за одбранбени цели.

„Русија очигледно се подготвува за долг конфликт со Западот и претставува постојана и суштинска воена закана за Европа“, рече Орпо во Европскиот парламент, пренесе Ројтерс.

Тој посочи дека доколку обединета Европа не одговори доволно на овој предизвик, следните години ќе бидат исполнети со опасности и закани од напади.

Орпо, чија земја е соседна со Русија, ги повика 27-те земји-членки на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана и рече дека европскиот блок мора да се грижи за сопствената одбрана.

„Русија не е непобедлива“, истакна тој.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска изјави дека поради влезот на Шведска и Финска во НАТО, на нивните граници ќе се појават руски трупи и вооружени системи, вклучувајќи оклопни возила и артилерија.

Тој нагласи дека влезот на тие две земји во Алијансата е „бесмислен чекор“, со кој Хелсинки и Стокхолм сакале да бидат под западниот политички штит.

Путин потсети дека Русија и Финска претходно имале „едноставно идеални“ односи и дека двете земји немале меѓусебни претензии, особено територијални, и дека до неодамна рубљата се користела во пограничните области на Финска и во Хелсинки.

Путин, исто така, најави дека Русија е подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку постои закана за руската државност, суверенитет или независност и дека доколку САД испратат војници во Украина, тоа ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот, наведува агенцијата.

На почеток