Македонија

Рангелова: Бев изложена на притисок и закани заради гласањето на референдумот, партијата не се огласи со осуда

Јас со крената глава и достоинствено на референдумот гласав „против“ Преспанскиот договор и тоа е во рамки на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ – секој да одлучи по сопствено убедување, вели претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова во интервју за Призма.

-Јас дејствувам транспарентно во партијата и за мојот став дека сум против апстиненција или бојкот го информирав извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и не се каам поради тоа. Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“ – објаснува Рангелова.

Таа додава дека по гласањето била изложена на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, заедно со нејзините колеги.

-Не сакам да помислам дека ваквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но останува фактот дека партијата не се огласи со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам кој преовладува на социјалните мрежи – посочува Рангелова, истакнувајќи дека би била среќна ако и нејзините колеги пратеници се охрабреле да гласаат против Договорот.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ не ја одигра вистинската улога во процесот, за што впрочем говорат и критиките од страна на шефот на Европската народна партија, Жозеф Дол, кој изрази разочараност од неконстурктивноста на ВМРО-ДПМНЕ.

-Токму затоа, мојот глас „против“ на 30 септември е израз на конструктивност, демократски капацитет и опозициско дејствување, а не израз на предавство, како што многумина сакаа да го прикажат. Знаете, ако сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ излегоа и гласаа на референдумот ‘против’, ќе бевме мнозинство и на легитимен начин ќе кажевме ‘НЕ’ за Договорот. Ќе си ги одмеревме силите со СДСМ и убедливо низ бројки власта ќе се увереше дека води погрешна политика што граѓаните не ја поддржуваа – посочува Рангелова.

Таа додава дека сака да ја види Македонија како дел од НАТО, но нема да гласа за уставни промени во парламентот.

„Моменталната актуелна состојба во партијата зборува за одредени дисонантни тонови во контекст на идната поставеност на партијата, кои се движат од радикално десни позиции до централно десни позиции, но се надевам и верувам дека за кратко време состојбата ќе биде искристализирано чиста, особено ако се земе предвид дека нашата партија во фокус ја има евроантлантската интеграција и ова веќе одамна е апсолвирано прашање  и не ни помислувам на друга опција – порача претседателката на Унија на жени на ДПННЕ.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток