Руски напад на Харков, мртви и повредени: Воздушна опасност во текот на ноќта во Украина
Шест лица загинаа, а 10 се ранети во ноќниот руски напад врз Харков, на североистокот на Украина, изјави градоначалникот на Харков, Ихор Терехов.
Тој на Телеграм напиша дека во нападот на беспилотните летала Шахед биле оштетени најмалку девет висококатници, голем број административни згради, продавници, бензинска пумпа, како и автомобили, пренесува Интерфакс Украина.
Руските сили утрово извршија ракетен напад врз Запорожје и во градот се слушнале најмалку две експлозии, напиша на Телеграм началникот на Запорожје Иван Федоров.
На целата територија на Украина синоќа е прогласена воздушна закана поради руски крстосувачки ракети и беспилотни летала, пренесува Укринформ.
Во текот на ноќта, украинската противвоздушна одбрана оперирала двапати во регионот на Киев, а руските сили извршиле напад со проектили и беспилотни летала, објави на Телеграм началникот на Киевската област.