Коментари

Кога човекот ќе одлучи да ги контролира мислите, тој владее со себе

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.
Кога човекот ќе одлучи да ги контролира своите мисли, тој е на пат да владее со себе. Нашите мисли обично не контролираат нас и придонесуваат да се чувствуваме убаво, позитивно и исполнето или негативно, напнато и дисхармонично.

Негативното размислување е најголемиот непријател на внатрешниот мир. Кога се преокупираме со неубавите нешта и дозволуваме песимизмот, несигурноста и стравот да го зафатат нашето битие, максимално ги намалуваме шансите за среќа и напредок во животот.

За да ги оствариме своите цели, неопходно е да бидеме водени и стимулирани од позитивните мисли. Човекот кој мисли негативно, ослободува деструктивна енергија која може да му го уништи поривот за напредување и да го направи ранлив, малодушен и подложен на надворешните влијанија. Како енергетски зрачиме, такви нешта привлекуваме. Кога испраќаме негативни мисли, го активираме негативното во себе и стануваме приемници за неубавите нешта во животот.

Постои закон за привлекување, тој овозможува сличностите да се пронаоѓаат и привлекуваат. Луѓето со сличен карактер се држат заедно, посебно доколку се духовно осознаени и ги препознале повисоките основи на своето постоење.

Во времето на материјализмот и константните искушенија поврзани со ниските страсти и егото, исклучително е тешко да се пронајде личност која го цени моралот, ги практикува начелата на верноста, посветеноста и искреноста и ги следи духовните вредности на живеењето. Сепак, шансата за градење релација со вредна и позитивна личност, најчесто зависи и од нашето вложување во позитивните вредности, од афирмативното размислување и од доследноста на самите себеси – да го добиеме, тоа што го заслужуваме.
Вистинската среќа ретко е чин на изненадување, туку скоро секогаш е процес на вложување. Кога вложуваме во самите себе, веруваме дека ќе биде подобро и не дозволуваме негативните лица и ситуации да не скршнат од вистинскиот пат, тогаш ширум ја отвораме портата за среќните моменти на постоењето.

Човекот кој манифестира оптимистички мисли, го активира импулсот на надежта и врз основа на законот за привлечноста се вклучува на фреквенцијата на позитивните вибрации, почнува да ја отвора можноста за афирмативните случувања и за позитивните постигнувања во животот.

Нашите мисли се во тесна корелација со духовната состојба на личноста, така што ако мислите се опфатени со страв и песимизам, тогаш и резултатите ќе бидат поразителни, за разлика од мислите исполнети со оптимизам, надеж и визија, кои секогаш носат позитивни резултати. Од друга страна, кога сме во фаза на немир, тага и меланхолија, не произведуваме позитивни мисли, туку сме полни со чемер, јад и несигурност.

Позитивната емоција создава виталност, радост, среќа и исполнетост.

Емоциите во нашето тело се јавуваат како физички манифестации на нашите мисли. Сомнежот, гневот и стравот се најголемите непријатели на позитивните емоции. Кога долго време живееме со нив, тие стануваат наше секојдневие од кое многу тешко може да се откачиме, бидејќи не оневозможуваат да ја преземеме одговорноста и да отвориме поубава страница во животот.

Среќата во нашиот живот зависи од квалитетот на сопствените мисли. Кога го тренираме умот да го гледа и бара позитивното во се, тогаш сфаќаме дека се е за доброто на нашата душа, која понекогаш е принудена да учи од лошите моменти и од негативните влијанија на околината. Силината на карактерот, волјата и духот се зајакнуваат во искушенијата и во борбите со непријателските околности на судбината. Сјајот од светлината не би ја почитувале толку многу, доколку претходно не сме ги вкусиле горчливите ароми на темнината.

Меѓусебната поврзаност е многу битна за здравјето на луѓето, но таа не треба да се форсира таму каде што ја нема.

Асоцијацијата е дека некои лица зрачат со негативна енергија и треба максимално да бидеме внимателни во контакот со таквите поединци. Одредени личности со своето присуство ни го разубавуваат денот, додека други енергетски не исцрпуваат и ни предизвикуваат немир и нервоза. Негативните емоции што траат долго го менуваат нивото на важни хемиски соединенија во мозокот, со што се буди негативно расположение, а резервите на енергија зголемено се исцрпуваат и ни предизвикуваат константен психофизички замор и омалаксаност. За успешно да одиме напред во животот, неопходно е да ги заздравиме енергетските повреди што ни оставиле стравови од минатото и кои ни предизвикале чувство на несигурност и емоционална ранливост.

Амигдалата е мозочен центар на стравот, кој се активира кога сме под емоционален набој и во состојба на гнев и стрес. Таа е спремиште на емоционалното памтење, така што колку повеќе им подлегнуваме на неубавите настани, толку поретко ќе успееме да ги контролираме афектот и негативната енергија. Доколку често сме под стрес и сакаме да се одмориме од стравовите и негативните вибрации, доволно е да се вљубиме, бидејќи љубовта ќе овозможи да го активираме хормонот на среќата – серотонинот.

Од негативната енергија акумулирана во нашата личност ќе успееме да се ослободиме доколку станеме свесни за емоционалните реакции: интензивен гнев на ненамерна навреда, жал поради грешки во минатото или длабока тага кога некој не напушта. Излезот од внатрешниот немир и негативните емоции ќе го пронајдеме ако бидеме сталожени и не им подлегнуваме на туѓите провокации; согледаме како се чувствуваме во односите со другите луѓе; станеме свесни за мислите, импулсите и реакциите кои ги манифестираме кон себе и другите лица.

Во животот од исклучителна важност е да ги актуализираме сопствените вредности, но и да ги преиспитаме ситуациите во кои се чувствуваме несреќни, нереализирани и несигурни. Ако сликата што ја имаме за себе е слика на инфериорност, неуспех и недораснатост на ситуацијата, тоа не значи дека вечно ќе остане така. Се може да биде променето и подобрено, само треба да веруваме во себеси и да ја пронајдеме вистинската инспирација која ќе не влече напред во животот. За некого тоа е љубовта, друг вредноста ја пронаоѓа во кариерата, знаењето или креативноста, трет се определува да им докаже на блиските дека вреди и оти ништо не може да го спречи да ја оствари целта и да се реализира во животот.

За што и да се одлучиме, неопходно е се ослободиме од негативните мисли, да завршиме со неубавите искуства од минатото и да веруваме дека со промената на самите себеси ќе станеме личност на победата, успехот и среќата. Со негување на афирмативниот пристап и самодовербата, концепцијата на песимизмот – не знам како; не можам и нема да успеам, ќе ја замениме со сликата што ја имаме за себе, содржана во зборовите – можам, умеам и ќе постигнам.

Абрахам Линколн има кажано: “Оние што чекаат можеби ќе добијат нешто, но тоа ќе бидат само остатоците од оние кои не чекаат”. Суштината е да сфатиме дека времето изминува со брзина на светлината и дека еден ден кога ќе се свестиме што пропуштаме, може да биде доцна за да ги промениме нештата во кои се наоѓаме. Секогаш треба да имаме на ум, дека постојат лица за кои сето богатство на светот е безвредно, бидејќи немаат здравје или време да уживаат во него.

За да не станеме како нив, треба да бидеме среќни со самото тоа што постоиме, зашто се додека постоиме имаме шанса да ја промениме состојбата во која се наоѓаме и да ги оствариме нештата кои ги посакуваме.

Заклучокот е да бидеме благодарни за сето добро што го добиваме и со позитивната сила на мислата да ги придвижиме нештата кон хармоничната патека на судбината.

To Top
Close