Македонија

Просечна оценка 3,25 на државната матура, до година со уште позаострени мерки против препишување

Просечната оценка на државната матура е 3,25, најниска во изминативе години, а на 268 ученици им бил поништен тестот, кажаа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Билјана Михајловска.

Според Михајловска резултатите се најобјективни досега, бидејќи за првпат државната матура се полагаше во школски сали и холови. Споредбено со минатите години, просечната оценка во 2023 била 3,65, во 2022 била 3,78  и 3,61 во 2021 година.

Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет.

„Откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок“, изјави Михајловска.

Најголем број на прекршување на правилата за полагање на Државната матура се констатирани во Средното училиште „Арсени Јовков“ во Скопје вкупно 32, потоа во Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки.

На почеток