Свет

Русија синоќа со беспилотни летала го нападна Киев, 14 се повредени во напад на регионот Суми

Во текот на ноќта руските сили го нападнаа Киев со беспилотни летала од различни правци, а противвоздушната одбрана го одби нападот, кој помина без жртви, изјави денеска шефот на градската воена управа Серхиј Попко.

„Седми воздушен напад на руските окупатори на Киев во септември. Непријателот повторно употреби нападни беспилотни летала, првично од типот „Шахед“… Во Киев тревогата за воздушен напад на главниот град беше објавена три пати и траеше околу вкупно 2 часа“, напиша тој на својот канал Телеграм.

Според него, руските сили ги лансирале првите групи дронови пред полноќ, но во текот на ноќта се повеќе беспилотни летала биле лансирани во украинскиот воздушен простор.

„Исто така, руски нападни беспилотни летала навлегоа во Киев неколку пати, од различни правци, главно еден по еден“, рече Попко. Тој истакна дека силите и средствата на противвоздушната одбрана ги уништиле сите цели на приодите кон главниот град. Според оперативниот извештај, во Киев нема жртви или материјална штета.

Исто така, како што јави Укринформ, 14 лица се повредени во синоќешниот масовен напад на руската армија врз Конотоп во регионот Суми со беспилотни летала „Шахед“, соопшти денеска регионалната воена управа.

„Ноќта на 12 септември, непријателот изврши масовен воздушен напад врз енергетските и цивилните инфраструктурни објекти на општина Конотоп. Русите користеле беспилотни летала од типот Шахед, насочувајќи ги кон станбени згради, образовни и медицински установи“, се наведува во соопштението.

На почеток