Северна Кореја за прв пат призна дека има капацитет за збогатување ураниум: Ким ја посети контролната соба
Северна Кореја за прв пат јавно откри дека има капацитет за збогатување ураниум, објави јужнокорејската агенција Јонхап.
Како што јавија севернокорејските државни медиуми, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на посетата на контролната соба во капацитетот за збогатување ураниум повикал да се зголеми бројот на центрифуги за зголемување на нуклеарното оружје за самоодбрана.
Ким го упати повикот за време на посетата на Институтот за нуклеарно оружје и производствената база на „нуклеарни материјали за оружје“, според севернокорејската новинска агенција KCNA.
KCNA не ја објави локацијата на објектите, ниту датумот кога е извршен увидот.
За време на посетата, Ким „ја истакна потребата од дополнително зголемување на бројот на центрифуги за експоненцијално зголемување на нуклеарното оружје за самоодбрана во согласност со политиката на партијата за градење нуклеарни вооружени сили“, се вели во извештајот.
Ким Џонг Ун го надгледувал и пробното истрелување на нов ракетен фрлач со повеќе цевки од 600 милиметри, објави КЦНА, пренесе Ројтерс.