Извори тврдат дека телото на лидерот на Хезболах е пронајдено
Телото на лидерот на Хезболах Хасан Насрала е пронајдено, потврдија два извори за Ројтерс.
Медицински и безбедносни извор изјави дека неговото тело било пронајдено недопрено на местото на израелскиот воздушен напад во јужното предградие на Бејрут.
Надворешни повреди нема, а причина за смртта се чини дека се повредите од силината на експлозијата, изјавија извори, пренесува Ројтерс.
Потсетуваме, израелската армија вчера соопшти дека во петокот во воздушен напад на периферијата на Бејрут загинал Хасан Насрала, како и неколку команданти на Хезболах, меѓу кои и командантот на јужниот фронт Али Караке. Во соопштението на ИД се наведува дека целта била централниот штаб на Хезболах, кој се наоѓал под земја под станбени згради во либанската престолнина Бејрут.
Неколку часа подоцна, Хезболах ја потврди оваа информација со ветување дека „ќе го продолжи својот џихад пред лицето на непријателот“.
„Раководството на Хезболах вети дека ќе го продолжи својот џихад пред лицето на непријателот, поддржувајќи ги Газа и Палестина и бранејќи го Либан и неговиот непоколеблив и чесен народ“, се вели во соопштението на Хезболах.