Ѓорѓиевски со нов проект: младите брачни двојки ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии за градење куќа во Кисела Вода
Градоначалникот Ѓорѓиевски го промовираше проектот „Кисела Вода – адреса за заеднички дом”, преку кој младите брачни двојки ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии за градење на куќа во Кисела Вода
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја промовираше новата мерка “Кисела Вода – адреса за заеднички дом” преку која брачните парови до 40 годишна возраст кои немаат друг имот во своја сопственост, од Општина Кисела Вода ќе добијат можност за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште. Покрај тоа што овој проект овозможува полесен пат до сопствен дом и значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија, во борбата против депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе, придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот, бидејќи “Кисела Вода – адреса за заеднички дом” бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори.
-Денес, со големо задоволство го промовираме стартот на кампањата “Кисела Вода – адреса за заеднички дом”. Се работи за мерка која претставува директен одговор на потребите на младите брачни парови кои се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија. Преку ослободувањето од плаќањето на комуналии, предвидено на ниво од 40% за објекти во рамки на ГУП на град Скопје и 100% за објекти надвор од ГУП, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите . Илустративно, за изградба на куќа од 100 квадратни метри во Црниче, младата брачна двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6600 евра, додека во село Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5000 евра.
Дополнително, во наредниот период, ќе бидат обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб страница. Условите за изградба на објекти со намена А1-Домување – односно куќи, се прилично едноставни: Инвеститори мора да бидат двата брачни другари, кои не се постари од 40 години , брачните другари да немаат друг објект во нивна сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти, проектот, како составен дел од документацијата за одобрение согласно закон, да содржи само една станбена единица и инвеститорите мора да склучат договор со општината дека објектот нема да го отуѓуваат во рок од 10 години од денот на склучувањето на договорот.
Оваа одлука вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина, за што во овој момент сакам да упатам голема благодарност до советниците. „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, изразувајќи надеж дека овој чекор ќе го следат и другите општини.
-Со овој чекор, ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе. Впрочем, и Владата на Република Македонија го постави демографскиот развој како клучен приоритет за стабилноста и економскиот напредок на нашата земја и секој од нас, е должен да вложи максимални напори за да ја поддржиме нашата младина да остане овде, да создаде дом и семејство-потенцираше Ѓорѓиевски.
На прес конференцијата тој ја истакна и компонентата за родова еднаквост во овој проект.
-Она што е исто така сметам дека е важно да се истакне е дека преку „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, паралелно придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот. Според податоците, само 27% од сопствениците на недвижности се жени, и затоа, со предлог-одлуката која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.