Македонија

Турција, најголем странски инвеститор од земјите надвор од ЕУ во земјава

 

Вкупните странски директни инвестиции (СДИ) во Република Северна Македонија од 1997 до 2017 година изнесувале 4,7 милијарди евра и имаат ниско учество во бруто домашниот производ на државата. Најголеми директни инвестиции во овој период се дојдени од Холандија, а потоа следат Австрија, Грција, Словенија и Унгарија, а од 2015 година на шесто место по СДИ се појавува Турција од каде од 1997 до 2017 година влегле 252,3 милиони евра.

Ова беше истакнато на вчерашната промоција на книгата „Странските директни инвестиции од  Република Турција и социо-економскиот развој на Република Македонија“ на д-р Есфер Алији во која се сублимирани резултатите од сеопфатното истражување на авторот на странските директни инвестиции во Република Северна Македонија и нивното влијание на економскиот развој на земјата, со посебен осврт на инвестициите кои доаѓаат од Република Турција.

Направеното истражување претставува солидна основа за понатамошни анализи и истражувања кои можат да придонесат за зголемување на обемот на странските директни инвестиции.

-Странските директни инвестиции како долгорочен извор и катализатор на економската активност секогаш беа и по се изгледа ќе останат актуелна проблематика во земјава. Општите резултати од ова истражување покажуваат дека економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција е интензивна и активна во повеќе сегменти, а посебно во однос на СДИ. Иако растот на СДИ од Република Турција и трговската соработка бележат значаен тренд на раст во последнава декада, сепак детектиравме дека сé уште има сектори и сегменти во македонската економија каде што постојниот потенцијал за соработка не е искористен, што претставува солидна основа за понатамошни анализи и истражувања, истакна Алији.

Според истражувањето на авторот, СДИ во Република Северна Македонија, иако имаат нагорен тренд, сé уште се многу мали и имаат мало учество во формирањето на бруто домашниот производ (БДП). Па така, во периодот 2003-2017 просечно годишно учество на СДИ во БДП изнесува околу 3,62 отсто.

Република Турција со нивото на СДИ е најголем странски инвеститор во Република Северна Македонија од земјите надвор од ЕУ. Според официјалните податоци, од Република Турција кај нас се регистрирани 1013 правни субјекти, има 48 регистрирани подружници, во нив се вработени 4.190 лица, со вкупна актива од 392 милиони евра. Позначајни и попознати директни странски инвестиции од Турција во овој период се ТАВ, Џевахир холдинг, Лимак Холдинг, Аџибадем груп, Халк банк, Рамстор, Суташ, Европска очна клиника.

Како што беше истакнато на промоцијата, растот на трговската размена меѓу двете земји е причината зошто турските индустријалци и бизнисмени сé повеќе инвестираат во Македонија.

Во 2017 година вкупната трговска размена на Република Северна Македонија изнесува 11.688 милиони американски долари, од кои 4.854 милиони долари се извоз и 6.834 милиони долари увоз. Македонија најмногу тргува со Германија, Британија, Грција, Србија, Бугарија, Италија, Кина и со Турција со која во 2017 година вкупната размена изнесувала 456 милиони долари, од кои 367 милиони долари увоз и 88 милиони долари извоз. За споредба, во 2000 година, на пример, вкупната размена изнесувала само 63 милиони долари.

Според авторот, СДИ од Република Турција во БДП и во вкупните СДИ во Македонија се одвиваат по нагорна линија. Исто така во периодот од 2010 до 1016 година растот на СДИ од Република Турција е поголем од реалниот раст на вкупните СДИ и БДП на Македонија.

Човековата поврзаност, културните интеракции и трговски инвестициски односи меѓу Република Македонија и Република Турција се многу важни и треба да се задржат. Има голем потенцијал за соработка меѓу двете земји кој сé уште не е искористен, кој ќе влијае на понатамошниот раст на СДИ од Турција, а тука се истакнуваат и слободните економски зони чии поволности не се доволно искористени од компании од Република Турција.

Алији нотира дека понатамошни приливи на странски инвестиции од Турција во секторите со повисока додадена вредност се многу важни, но од друга страна во иднина треба повнимателно да се следат можностите кои може да произлезат од новите пазарни услови во нафтената индустрија, енергетика и телекомуникациите.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток