Свет

Брансон на средба со Трамп во Белата куќа

Американскиот свештеник Ендрју Брансон, веднаш по ослободувањето од турскиот затвор, вчера пристигна во Белата куќа, каде се сретна со претседателот Доналд Трамп.

Како што пренесуваат светските медиуми, Брансон му рекол на Трамп дека се моли за него да добие „натприродна мудрост“. – Навистина се боревте за нас, му рече Брансон на Трамп.

Кога Трамп ја прашал неговата сопруга Норин за кого гласал на претседателските избори во 2016 година, Брансон, кој во октомври таа година беше приведен во Турција, на шега одговорил дека не можел да гласа од притвор.

Трамп рече дека се водени „долги и тешки разговори за ослободувањето на Брансон“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за соработката за негово ослободување.

– Ослободувањето на Брансон ќе доведе до „добри, можеби и прекрасни“ американско-турски односи, напиша Трамп и повтори дека нема договор за укинување на санкциите против Турција и покрај ослободувањето на свештеникот.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека судот донел независно решение за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон.

– Почитуван господине претседател, како што секогаш сум посочувал, турскиот суд ја донесе одлуката самостојно, напиша Ердоган на Твитер, како одговор на претходно објавениот твит на американскиот претседател Доналд Трамп.

Турски суд завчера донесе одлука да го осуди на тригодишна затворска казна американскиот пастор Ендрју Брансон, но судијата ги укина сите судски контроли – вклучувајќи ја и забраната за патување – што му овозможи веднаш да ја напушти Турција. Нему казната му е намалена поради добро однесување, а и со оглед на тоа дека веќе отслужил две години од казната, сметајќи го времето во притвор.

За Турција, уапсениот американски свештеник е шпион кој се обидел да ја собори Владата за време на обидот за државен удар од 2016 година. Но, за американските официјални лица, Брaнсон е невин христијански семеен човек, кој е погрешно задржан.

Брансон (50) е роден во Северна Каролина и евангелистички презвитериjански свештеник кој работел во Измир, каде што бил пастoр во црквата Воскресение. Тој живее во Турција повеќе од 23 години, со сопругата и трите деца.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток