Клучни тврдења од судењето на Вања: Еден час била чекана да излезе, „Реното“ отишло во партијата по убиството, го возел Палчо


Со снимки за движењето на двете возила кои учествувале во злосторничкиот чин на грабнување и убивање на Вања Ѓорчевска, беа прзентирани во суд. Обвинителството покажа како „Циторенот“ се движи околу зградата на Вања еден час пред Вања да излезе на училиште. Откако девојчето е грабнато, според обвинителката, се гледа целото движење на „Цитроенот“ од Дебар Маало, преку Партизански одреди, па по булеварот „8-ми септември“, преку Момин Поток, до Визбегово. Во „Циторенот“ има три лица.
Обвинителството посочи дека возилото „Рену кангу“ дента кога е грабната и убиена Вања, по грозоморниот чин, се враќа во партијата „Десна“, близу Железничката станица. Обвинителката презентирајќи ги снимките рече дека силуетата на Љупчо Палевски-Палчо е фатена на камера како го вози „Реното кангу“ од Чаир кон Бит Пазар по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 година. Потоа уште еднаш кај Веро Џамбо во близина на седиштето на партијата „Десна“, каде го паркираат „Реното“. На совозачкото место бил Велибор Манев во сив џемпер и со црна лента на него.
Јовица Страшевски, адвокат на првообвинетиот Палевски, по рочиштето рече дека ликот на неговиот клиент не се гледа на ниту една снимка, а тоа, како што додаде, го констатирал и судијата Ивица Стефановски, кој го води судењето.
„Ниту еднаш не покажаа снимка од местото на настанот, од пред заградата. Не може Основното јавно обвинителство на вака сериозен настан да не повика сведоци од возила кои се движеле пред и по автомобилите (‘ситроен’ и ‘рено кангу’ н.з.), да ги испраша дали забележале нешто сомнително во тој период или не. Толку е аматерски изведено ова досега што навистина во мојата кариера немам сретнато толку аматеризам од страна на Обвинителството“, рече Страшевски.
Во два наврати досега, имаше обид за спас на Палевски. Првиот беше кога обвинетиот Влатко Кешишов изненадно достави писмо до судот во кое тврдеше дека Палевски нема никаква вмешаност во настанот, па потоа призна дека во затворското комбе со кое биле носени на судење бил принуден да го напише тоа. Вториот беше кога Палевски побара изземање на Обвинителството и обвинителката, па посочи дека истрагата намерно не проверила дали Боре Видевски поседува оружје и какво. Тој за цело време, не застанува во одбрана на другите членови на групата, туку се брани самиот себе.
