Македонија

Пратеничките се скараа пред 8 март, министерката за финансии не сака да се извини

Пред осмомартовска кавга меѓу пратеничките. Во Клубот на пратенички кавга и несогласување за ставот за навредата на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска кон пратеничката Славјанка Петровска.

По седницата на Клубот на пратенички, на кој се постигна консензус за осуда на секоја форма на дискриминација врз жените од собраниската говорница, пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ се предомислија и ја повлекоа согласноста за објава на реакцијата.

Ова во изјава за медиумите го објави пратеничката Јована Тренчевска. Според неа пратеничките од мнозинството одлучиле да го премолчат неодамнешното однесување на министерката за финансии.

А министерката за финанси и понатаму одбива да се извини за навредите кои од собраниската говорница на пратенички прашања ги упати кон пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска. Димитриеска-Кочоска на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која го искористи законското право да постави пратеничко прашање на седницата во Собранието, наместо да ѝ одговори ѝ рече дека таа нема право во прашањата да спомнува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина.

Според министерката во јавноста се прави дефокус во однос на тоа што таа го кажала од говорницата и било лошо интерпретирано.

„Воопшто немало тенденциозност, ниту некаква намера. За мене како што кажав, тоа е затворено, но би замолила една работа. Граѓаните да бидат стрпливи, да почекаат малку. Времето ќе покаже кој бил во право, а кој не бил и зошто се случуваше сето ова“, рече Димитриеска-Кочоска.

Пратеничката Славјанка Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација за понижување и дискриминација по основ на брачен и семеен статус.

На почеток