Последно збогум за жртвите од пожарот во Кочани


Поворката со посмртните останки на загинатите тргнува од градските гробишта во Бутел. Нивните роднини, пријатели, другари ќе ги испратат до вечните почивалишта.
Погребот на жртвите во Кочани ќе се одржи во 12 часот. За жителите од овој град денеска е неработен ден.
И во Штип во вечните почивалишта ќе бидат испратени петте жртви од катастрофалниот пожар од овој град на истокот во земјава.
Состојбата кај повредените кои се лекуваат во земјава не е животозагрозувачка, велат здравствените власти.
Триесетте жртви во Кочани ќе бидат погребани во 12 часот. На чело на погребната церемонија ќе биде поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, како и неколку владици. Погребот на настраданите во Штип ќе биде во 11 часот, а меѓу нив се членовите на групата ДНК, Филип Стевановски и Александар Коларов.
Погреб ќе има и во Облешево во 13 часот. Пејачот на бендот ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, ќе биде погребан во 10 часот на градските гробишта во Бутел во Скопје, соопшти неговото семејство. Сара Пројковска членка на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност ќе биде погребана на горбиштата во Ново Лисиче во Скопје во 12 часот.
Погребот на младиот тапанар од бендот Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица. Штип ќе се прости од петмината загинати во пожарот во дискотеката во Кочани, Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и со Александар Ефремов.
Граѓаните на Пробиштип ќе се простат со тројцата свои сограѓани кои загинаа во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тоше Тодоровски, полициски службеник, со почести ќе биде изложен во капела во 11 часот, додека погребот е во 13 часот на Градските гробишта. Телото на починатиот Матеј Марковски ќе биде изложен во капелата во 13 часот, а ќе биде погребан во 15 часот на градски гробишта во Пробиштип. Додеката телото на Никола Насевски ќе биде изложено во домот во село Добрево, а погребот ќе се изврши во 17 часот.
