Денот „Д“ за Таравари: Ќе остане во Влада или ќе му се придружи на Ахмети


Денес ќе се знае дали Алијанса за Албанците на Арбен Таравари останува во Владата или ќе замине во опозиција. На долгоочекуваната средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот Таравари, ќе бидат отворени клучните прашања од кои зависи и опстојувањето на сегашната владина коалиција во овој состав.
Средбата вчера ја потврди премиерот Христијан Мицкоски.
„Таква средба ќе има неделава, ако не се лажам тоа ќе биде утре, но треба да го погледнам распоредот. И на таа средба јасно сакам да слушнам став кој и медиумите ќе го слушнат, дали е точно дека има договор меѓу партијата на Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција дека во најмалку 5 или 6 општини каде тој ќе извади свои кандидати, а ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници, што прво значи себе понижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Второ, дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Претходно, ВЛЕН се откажа од Таравари и неговата партија повеќе не е дел од оваа коалиција на власт.
