(ФОТО) Кој е заштитениот периметар околу Собранието каде не смее протести и дронови


Законското решение со кое просторот околу македонското Собрание се прогласува за безбедносна зона предизвика голем интерес и низа реакции во јавноста. Суштината на законот не е ограничување на слободата на протест, туку јасно уредување на статусот, површината, границите, користењето, надзорот и имотно-правните прашања на просторот околу законодавниот дом.
Според предлог-законот, кој треба да помине по скратена постапка, тревникот со површина од 1,5 хектари ќе се прогласи за безбедносна зона. Целта е да се обезбеди слободен пристап за пратениците, вработените и другите службени лица кои учествуваат во работата на Парламентот, како и да се заштити собранискиот објект и околниот простор од мешање и евентуални градежни интервенции од приватни субјекти.
Просторот што ќе биде опфатен – од почетокот на булеварот „11 Октомври“ до зградата на Државниот завод за статистика – ќе му припаѓа на Собранието за институционална употреба. Тоа значи дека на оваа локација ќе се уредува дворниот дел, без можност приватни инвеститори да градат објекти како што беше претходно планирано. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, посочи дека парцелата што своевремено била продадена за изградба на катна гаража ќе се врати во државна сопственост, а сопственикот ќе биде соодветно обесштетен.
Во јавноста најголема вознемиреност предизвика членот 8 од предлог-законот, кој предвидува забрана за градежни активности, поставување инфраструктура, одржување јавни собири, манифестации, како и користење дронови во радиус од 100 метри околу и над објектот. Сепак, ова не значи забрана на протестите како такви. Организирањето собири останува дозволено, но ќе се одвива надвор од дефинираниот безбедносен периметар.
Ваквото законско решение е иницирано здружено од страна на повеќе пратенички групи. Предлагачи се претседателот на Собранието Африм Гаши, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, потпретседателката Весна Бендевска (ЗНАМ), Оливер Спасовски (СДСМ), Блерим Беџети („Европски фронт“), Беким Ќоку (коалиција Вреди) и Борислав Крмов (Левица).
Во образложението стои дека ваквиот режим е неопходен особено во ситуации со ненајавени протести, кога се загрозува безбедноста на пратениците и се отежнува извршувањето на нивните работни обврски. Со ова, се потенцира потребата институцијата да функционира непречено, но без да се укине правото на граѓаните на протест – едно од темелните демократски права.
