Ураниумот, теснецот и други ситници


Во време кога човештвото со гордост праќа ровери на Марс, а мачките имаат повеќе следбеници од нобеловци, повторно се враќаме на старата добра класика: Блискиот Исток и прашањето „кој прв денеска ќе фрли?“ – не лајк, туку ракета.
Израел и Иран, двата големи шампиони на „ти не ме гледај така“, повторно си играат ризик на ниво на нуклеарна напнатост. Додека еден гради „одбранбени капацитети“ (читај: дронови со егзистенцијална криза), другиот „развива нуклеарна технологија за мирољубиви цели“ – што, да бидеме искрени, е како да викаш дека купуваш калашников за самозаштита од комарците.
Но, ова не е само војна за територија или влијание, ова е геополитички „тенис“ над ураниумски фијакер. Можеби сме на работ на нова ера: Втората Студена Војна, но овојпат со Wi-Fi и TikTok филтри.
И кога мислиш дека нема каде понатаму, еве го Ормутскиот теснец, со 33 километри ширина и 20 проценти од светската нафта која секојдневно минува низ него. Што ако Иран го затвори, како што предупредуваат некои од најрелевантните светски воени аналитичари? Па, ништо посебно, само светот ќе паничи, цените на нафтата ќе скокнат како инфлуенсер на попуст, а глобалниот пазар ќе личи на Black Friday во Техеран.
Секако, сите велат: „дипломатијата ќе го реши ова“. Највцеројатно, како што ја реши и климата, гладот и TikTok зависноста.
Западот се обидува да се држи неутрален, се додека не надмине цената на нафтата од 150 долари за барел. Тогаш „неутралноста“ ќе биде заменета со „мировна мисија со придружна флота“. Кога танкерите престануваат да пловат, демократските вредности чудесно добиваат нафтена арома.
На крај, дали ова е војна за ураниум? Или за влијание? Или за стара добра мачо-дипломатија? Можеби е само досада. Во свет во кој вестите траат 24 часа, а вниманието 24 секунди, трагично е колку брзо забораваме дека зад секој удар има луѓе, семејства, и уништени иднини.
Но, што знам јас? Јас само пишувам. Со сарказам. За мир.
