Охрид

Стопирана изградба на објект во старата охридска чаршија – Инспекторатот утврди прекршувања

Дел од охридската чаршија, која се наоѓа во рамки на Старото градско јадро, повторно е во фокусот на јавноста поради изградба на нов објект чиј изглед и димензии предизвикаа реакции. Улицата која во минатото беше препознатлива по занаетчиски дуќани и староградски објекти, денес има променет карактер, а на терен се присутни различни содржини, претежно угостителски.

И покрај тоа што оваа зона е прогласена за културно наследство од особено значење, во последните години се забележува појава на објекти со стил и висина кои отстапуваат од традиционалната архитектура. Дополнително, при подготвителни активности за градежни зафати, забележани се интервенции во околниот простор, вклучително и сечење дрвја и оштетување на партерно уредување.

Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, постапувајќи по вонредна контрола, извршил увид на терен во објект што се гради во ова подрачје. Според наодите, инвеститорот изведувал градежни активности без соодветно одобрение за градење.

„Во рамки на надлежностите, Инспекторатот донесе решение со кое се стопира изградбата и се затвора објектот за понатамошни градежни активности. Против инвеститорот ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно законските прописи,“ информираат од Министерството.

Од таму посочуваат дека засилените инспекциски контроли ќе продолжат и во наредниот период на територија на целата држава.

Старото градско јадро на Охрид, во кое се наоѓа и чаршијата, е составен дел од „Охридското природно и културно-историско подрачје“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980 година. Надлежните институции потенцираат дека целта е да се спречат активности кои би можеле да доведат до измена или деградација на ова заштитено подрачје.

На почеток