Екипите на „Охридски Комуналец“ веднаш на терен по невремето – нормализиран водниот сообраќај на каналот Студенчишта


По попладневното невреме што го зафати охридскиот регион, проследено со пороен дожд, град и силен ветер, екипите на Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ веднаш излегоа на терен за санација на штетите и расчистување на јавните површини.
Најсериозната интервенција била на каналот Студенчишта, каде падната гранка го блокирала движењето на пловни објекти. На тешко пристапниот терен интервенирале екипите на „Паркови и зеленило“ и ЈП „Билјанини Извори“, по што пречката е целосно отстранета, а водниот сообраќај е нормализиран.
Паралелно, комуналните служби работеле на расчистување на наноси од земја и песок на фреквентни пешачки површини низ градот, а со цистерна било интервенирано и кај колективна зграда каде што поради обилните врнежи дошло до излевање на канализација.
Од ЈП „Охридски Комуналец“ информираат дека нивните екипи остануваат на терен сè додека целосно не се санира состојбата и упатуваат апел до граѓаните да пријавуваат евентуални проблеми.
