Украински дронови нападнаа цели во Волгоград: затворени мост и аеродром, Русија тврди дека соборила 39 беспилотни летала


Голем украински дронски напад ја погоди руската територија и Кримскиот Полуостров во текот на ноќта, при што беа активирани противвоздушни системи во повеќе региони. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила вкупно 39 дронови, од кои 13 над областа Волгоград.
Нападот предизвикал прекин на сообраќајот на важен мост преку реката Дон во Калачевскиот округ, објави утрово администрацијата на регионалниот гувернер Андреј Бочаров. Според информациите, мостот е привремено затворен поради остатоци од дроновите и потребата од нивно отстранување. Засега не е познато дали мостот е физички оштетен. Реката Дон, која е петта најдолга во Европа, претставува значајна сообраќајна и стратешка точка.
Покрај тоа, аеродромот во Волгоград беше затворен на повеќе од три часа, а авиосообраќајот повторно беше воспоставен нешто пред 7 часот наутро по локално време, соопшти руската служба за цивилно воздухопловство „Росавијација“.
Гувернерот Бочаров потврди дека во нападот нема повредени и повика на смиреност. Засега не се објавени детали за материјалната штета, ниту информации за можни последователни мерки.
Овој напад доаѓа во време на засилени тензии и зачестени украински напади со беспилотни летала на руската територија, како дел од пошироката стратегија за нанесување удари врз логистички и воени цели во длабочината на Русија.
Инцидентот дополнително го зголемува ризикот од проширување на воените дејства, особено по предупредувањата на Москва дека ќе одговори на сите обиди за навлегување во руска територија.
