Македонија

Втор уписен рок со над 16.000 слободни места за средношколци – најголем интерес за стручно образование

Полуматурантите кои не се запишаа во средно образование во првиот јунски рок ќе имаат втора можност да го сторат тоа на 30 јуни, кога започнува второто електронско пријавување за упис во учебната 2025/2026 година. Според податоците на Министерството за образование и наука, на располагање има вкупно 16.034 слободни места во јавните средни училишта низ државата.

Од вкупниот број, 10.758 места се застава на македонски јазик, 4.781 на албански, 474 на турски и 21 место на српски наставен јазик. Се нудат 3.727 места во гимназиско образование и 12.307 во стручно, што ја потврдува тенденцијата за зголемен интерес за стручното образование.

Документацијата за упис ќе се доставува на 1 јули, а конечните ранг-листи со примени ученици ќе бидат објавени на 2 јули до 12 часот. Таму каде што ќе има повеќе пријавени ученици со исти поени од слободните места, ќе се организира квалификациско тестирање на 4 јули.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелираше за реално оценување на учениците и истакна дека новите законски измени предвидуваат наставничките совети повеќе да немаат можност за менување на оценки. Таа посочи дека успехот „со сите петки“ станал практика која го поткопува квалитетот на образованието.

Учениците кои нема да се запишат ниту во јунскиот рок ќе имаат последна шанса во август, кога електронското пријавување ќе се спроведе на 21 август, а конечните ранг-листи ќе бидат објавени следниот ден, на 22 август.

На почеток