(Видео) Туфегџиќ по ослободителната пресуда: „Страдањето на Александар е на совеста на Спасовски, Костовски и обвинителките“


По ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски – таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање во нејзиното киднапирање и убиство – адвокатот Владимир Туфегџиќ остро реагираше во поткастот „Претрес“, особено поради тоа што бил предвреме осуден од ексминистерот Оливер Спасовски за време на прес-конференцијата додека траеше истрага и пратеникот на СДСМ Мартин Костовски кој го нарече „монструм“.
„Страдањето на Александар е продолжение на страдањето на неговото дете, на Вања,“ изјави Туфегџиќ во „Претрес“.
„Но, неговото понатамошно страдање е и на совеста на министерот Оливер Спасовски, на пратеникот Мартин Костовски, на полицискиот началник Дејан Димовски, Музафер Каришиќ и на овие две обвинителки“, додаде тој.
Според него, истрагата била водена во целосно нетранспарентни и незаконски околности.
„Како да станува збор за приватен предмет на обвинителите,“ рече Туфегџиќ, додавајќи дека процесот бил далеку од професионален и се одвивал „надвор од сите законски процедури“.
Адвокатот истакна дека некои обвинители, кои не биле инволвирани во случајот, треба да се подготвени и професионални за да ја водат истрагата понатаму, но предупреди дека во случајот правдата била злоупотребена: „Ова не е предмет со кој може да се поигрува. Ова длабоко допира до чувствата на секој човек.“
Туфегџиќ побара одговорност, особено од политичарите кои излегуваа со прерани изјави во јавноста: „По ваква една пресуда, Мартин Костовски, па и Оливер Спасовски, ако ништо друго, барем да излезе и да каже: ‘Јас на таа прес-конференција изнесов тоа што ми го дадоа службите во тој момент’.“
Пресудата со која Ѓорчевски беше ослободен од обвинението, предизвика лавина реакции и повторно го отвори прашањето за политичкиот и институционален пристап кон истрагите во чувствителни случаи. Адвокатот предупреди дека ако не се извлечат поуки, истите пропусти ќе се повторат и во други предмети.
Ексклузивно за сите детали поврзани со случајот и Ѓорчевски, погледнете ги во „Претрес“:
