„Охридски Комуналец“ со неделни активности за уредување и чистење на јавните површини


Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ информира дека нивните екипи биле ангажирани на повеќе локации низ Охрид и околината во рамки на редовните активности за одржување на јавната хигиена и зеленилото.
Во текот на трите фестивалски денови, службите активно учествувале во одржувањето на хигиената и зелените површини околу хотелот „Палас“ и „Кеј Македонија“, како дел од логистичката поддршка на Охридскиот вински фестивал 2025.
Дополнително, хортикултурно бил уреден просторот околу новоотвореното спортско игралиште на булевар „Туристичка“, а биле реализирани и активности за косење и уредување на јавните површини на неколку улици: АСНОМ, Прва македонска ударна бригада, Лазо Трповски и 7-ми Ноември, како и на потегот кај плажите Лагадин и Пештани, во селата Лескоец и Орман, детското игралиште кај „Стобекс“, патниот правец Охрид–Свети Стефан и дрворедот на улицата „7-ми Ноември“.
Паралелно, продолжуваат и акциите за цветно уредување, при што биле засадени нови цвеќиња долж пешачката патека од каналот Студенчишта до Горица, во градскиот парк, како и во село Пештани.
Од претпријатието најавуваат континуирана ангажираност со цел обезбедување на почиста и поуредена животна средина за охриѓани и посетителите.
