Најчевска: Бујар Османи мора да одговара за велепредавство – време е Македонија да постави услови кон Бугарија


Професорката по право Мирјана Најчевска вели дека е време „да се залечат раните кои ѝ беа нанесени на Македонија од страна на Бујар Османи“, обвинувајќи го поранешниот министер за надворешни работи дека направил чекори кои донеле тешки последици по државата.
Според неа, првиот неопходен чекор е во Собранието да се отвори расправа за вториот протокол со Бугарија, со цел да се побараат измени.
„Бујар Османи мора да одговара за велепредавство или, во најмала мера, за злоупотреба на службена должност со која нанел трајни и многу тешки штетни последици за државата“, наведува Најчевска.
Во својот јавен став, таа повикува државата да заземе поинаков пристап кон односите со Софија, поставувајќи јасни услови и барања.
„Македонија треба да почне да поставува барања и услови во насока на доказ за добрите намери на Бугарија и нејзината посветеност на добрососедските односи“, вели таа.
Меѓу тие услови, Најчевска ги издвојува:
Извинување од Бугарија за злосторствата направени за време на фашистичката окупација во Втората светска војна.
Репарација на штетите нанесени на Македонија во тој период.
Заштита на правата на Македонците во Бугарија и надомест на штетите направени преку непочитување на меѓународни договори и вредности на Европската Унија.
Според неа, само преку вакви конкретни чекори може да се врати достоинството на македонската држава и да се воспостави правична основа за било какви добрососедски односи.
