Еден „ер трактор“ подготвен, друг на пат, трет во дефект, а и пилоти сѐ уште во дефицит


Од трите противпожарни авиони „ер трактор“ со кои располага Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во моментов целосно исправен и подготвен за акција е само еден. Вториот се очекува да пристигне до крајот на следната недела, а третиот има посериозен технички проблем, кој ќе бара повеќе време за поправка отколку што првично било планирано.
Но, проблемот не е само во флотата – туку и во кадарот. Во моментов, само еден активен пилот е ангажиран во рамките на ДЗС. Како и минатата година, се очекува поддршка и од двајца пензионирани пилоти, кои и годинава ќе се вклучат во справувањето со пожарите.
В.д. директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, кој на оваа функција стапи пред еден месец, уверува дека се прават напори за проширување на пилотскиот состав. Според неговите најави, до крајот на септември бројот на пилоти треба да се зголеми на вкупно пет.
Во таа насока, вчера беше потпишан договор за повторен ангажман на двајцата пензионирани пилоти Стоје Арсовски и Васко Михалчев, кои ќе управуваат со противпожарните „ер трактори“ во претстојната летна сезона, кога се очекува зголемен ризик од шумски пожари.
