Европа мора да слуша и кога боли, не сме рецепт туку народ – писмо до Марта Кос


По изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дадена на прес-конференција во Скопје, во која таа го спореди идентитетот со традиционални јадења и обичаи, реагираше универзитетскиот професор и поранешен пратеник, д-р Јове Кекеновски.
Во отворено писмо упатено до Кос, Кекеновски наведува дека македонскиот идентитет не може да се сведува на „погачи, тавче-гравче, пинџур и полнети пиперки“, како што изјавила еврокомесарката.
„Со сета почит – но да бидеме јасни: ние, Македонците, не го мериме нашиот идентитет според тоа колку лути пиперки ставаме во пинџурот, ниту колку убава е тавата со грав. Идентитетот не е фолклорна манифестација или гастрономско доживување“, пишува Кекеновски.
Тој посочува дека македонскиот идентитет е историски, јазично, културно и политички оформен низ векови, и постојано изложен на негирања и условувања – токму во контекст на евроинтеграциите.
„Не сакам да верувам дека вашата изјава била свесно насочена кон банализирање на македонскиот идентитет. Верувам дека намерата ви беше топла. Но токму таквиот пристап ја покажува ограниченоста на европската перспектива кога станува збор за нашето прашање“, наведува професорот.
Во писмото, Кекеновски потсетува дека за разлика од Словенија, која никогаш не била цел на системско негирање од страна на соседна земја-членка на ЕУ, Македонија со години се соочува со барања кои директно ја засегаат нејзината етничка и културна самобитност.
„Во момент кога во Европскиот парламент се поднесуваат амандмани што го негираат македонскиот јазик како посебен, ваквото сведување на идентитетот на кујнска традиција е конкретен удар врз борбата на еден мал народ да го зачува своето право на постоење во сопственото име, јазик и култура“, истакнува тој.
Кекеновски ја повика Кос, но и европската администрација, да го разберат сензитивитетот на македонското прашање и да не го сведуваат на етнографија и рецепти.
„Слушајте нè. Почитувајте нè. И разберете: идентитетот не е објаснување за ЕУ. Тој е темел на човечко достоинство“, завршува Кекеновски.
