„Македонскиот идентитет не се служи на чинија, вие стапнавте на македонска земја која на словенските народи во Европа им ја даде писменоста“ – реакција на Цаневска до Кос


По спорната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос, во која македонскиот идентитет го сведе на традиционални јадења како „тавче-гравче, пинџур и полнети пиперки“, со јавна реакција се огласи и новинарката Катерина Цаневска.
„Добро е што знаете за убавините на вековната македонска кујна. Но, како поранешна колешка и со која живеевме во иста држава, повеќе од јасно ви е дека тоа не се темелите на македонскиот идентитет. Вие стапнавте на македонска земја која на словенските народи во Европа им ја даде писменоста, згазивте на земја која го има Свети Климентовиот универзитет од 886 година, центарот на словенската писменост и култура, земја во која манастири чествуваат 1.000 годишно постоење.
Оваа земја ги изнедрила Прличев, Цепенков, Жинзифов, Пејчиновиќ…Рацин, Конески, Петре М. Андреевски, Горан Стефановски, Чинго… Знаете дека сте на земја во која се виело Тешкото-,, Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот…во бескрајно оро син оди по татка, по деда си- внук…”.
Земја во која низ векови создавано е македонското творештво признато во цел свет. Од Македонија изнедриле златните грла на Бадев, Илиева, Томовска, Манчевски, Лазарова, Јонче, Пепи… но и Тоше, Каролина, Илкова, Биџова, Гугуловски, Нацевски, музички групи и виртуозите Влатко Стефановски, Трпчевски… Сигурна сум дека знаете за Делчев, Карев, Питу, за Првата република на Балканот, за хероите и дека секогаш Македонија била на вистинската страна на историјата. Вратете се во својата земја и во Европа со чувство на задоволство дека сте биле во земја со вековна традиција, непроценливо културно и образовно богатство.
Дојдете и друг пат, не со зборови туку вистински да го почувствувате вкусот на македонска кујна: тавче гравче, пинџур, погача, полнети пиперки, но и да ги видите охридските фрески и да ја дегустирате пастрмката, македонската жолта и вината. Сакам да верувам дека вчера имавте лош ден и дека ќе се извините за тешко повредените чувства на македонскиот народ“.
