Што да направите ако ве касне змија: Беќаровски со важни совети


Во летниот период, кога се зголемуваат активностите во природа, постои и зголемен ризик од средби со змии. Токсикологот проф. д-р Нико Беќаровски објави корисни упатства за тоа како правилно да се постапи во случај на каснување од змија, потенцирајќи што треба, а што никако не смее да се направи.
Што треба да направите:
Останете смирени – паниката може да го забрза ширењето на отровот.
Забележете го времето кога сте биле каснати – ова е важно за понатамошен третман.
Отстранете ги чевлите, накитот и други предмети околу местото на каснување, бидејќи може да се појави оток.
Имобилизирајте го делот од телото каде што се случило каснувањето – држете го на или под нивото на срцето.
Веднаш побарајте медицинска помош – одете во најблиската болница и, доколку е можно, обидете се да ја опишете змијата која ве каснала.
Што не смеете да правите:
Не паничете – тоа ја забрзува циркулацијата и може да го влоши состојбата.
Не ја засекувајте раната – тоа не помага и може да ја влоши повредата.
Не обидувајте се да исмукувате отров од местото на каснување.
Не ставајте мраз на раната – тоа може да предизвика дополнителни оштетувања.
Не подврзувајте ја раката или ногата над местото на каснување – тоа може да го влоши протокот на крв.
Не пијте алкохол или кафе – тие го забрзуваат срцевиот ритам и циркулацијата, што може да го зголеми ширењето на отровот.
Со овие препораки, д-р Беќаровски апелира на внимателност и информираност, бидејќи навремената и правилна реакција може да спаси живот.
