Македонија

Силјановска-Давкова: Марихуана во сред кампања

Марихуана во сред кампања, напиша кандидатката за претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова на својот Фејсбук профил, откако Премиерот Зоран Заев објави кои 15 компании во земјава добиле лиценца за происводство на марихуана.

-Вчера, некој ми кажа дека нашиот премиер објавил мошне важна вест на својот профил na фејсбук. Си реков, да не дошле конечно Гугл (Google) и Фејсбук (Facebook) во Македонија? Или можеби 15 нови млади старт-ап компании отвориле 15 нови работни мести за високо образовани инженери (не зборувам за старт-ап компаниите поддржани од Фондот за иновации кои на срамен начин парите наменети за креативците им ги дадоа на сдсмовската политичка, клептократска, и медиумска клика, туку за оние вистински млади јунаци коишто тука градат свои компании)? Се израдував и дека можеби 15 студенти регистрирале 15 патенти, потпомогнати од Владата или дека 15 земјоделци засадиле 15 нови лозја, изградиле 15 хипермодерни стакленици за патлиџани со највисока технологија или создале 15 нови сточни стада со нови раси. Си велам, да не 15 ученици или студенти од Македонија победиле на 15 светски натпревари по математика, физика, роботика, астрономија? Или, пак, 15 спортисти зеле златни медали на првенства и направиле 15-милионски трансфери во клучните светски клубови? Или 15 млади македонски писатели и поети завршиле на кусите листи за 15 клучни светски литературни награди? Но, не била за тоа објавата… Замислете, почитувани граѓани, нашиот премиер, сред кампања нашол време да објави кои 15 компании добиле лиценца за производство на марихуана. На што се сведе нашава Македонија? Наместо да објавуваме важни вести за развој на индустријата, за поддршка на старт-ап бизниси, за воскреснување и вознес на македонската култура, иновативност, спорт и уметност, ние имаме премиер за кого важна вест и досега единствен економски проект во двегодишното работење е давањето лиценца за производство на марихуана! – напиша Силјановска.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток