Македонија

Заев: Посетата на Папата Франциск на родниот град на Света Мајка Тереза носи порака за помирување и солидарност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Монс. Киро Стојанов и државниот секретар во министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за претстојната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија.

На оваа прес-конференција скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Монс. Киро Стојанов за време на своето обраќање ги објасни причините за посетата на Папата Франциск на нашата земја меѓу кои ги напомена и добрите билатерални односи помеѓу двете земји, соработката на различни нивоа како што се културни, историски, општествени, како и поради тоа што Скопје е родниот град на света Мајка Тереза а притоа доаѓа во посета на една малобројна, но жива и активна заедница, а сето тоа Папата го препозна и како наследник на апостол Петар сака да ја зајакне и охрабри оваа заедница во верата.

Државниот секретар во министерството за надворешни работи, Виктор Димовски во своето обраќање се осврна повеќе на организациските аспекти и реализацијата на програмскиот дел на посетата а веќе се објавени на веб- страната papa.mk.

Во продолжение на ова соопштение Ви го испраќаме интегралниот говор на премиерот Зоран Заев.
„Како што е познато, на 7 мај, во нашата земја ќе допатува во еднодневна посета Светиот Отец, Папата Франциск.

Оваа посета е историска. За прв пат во историјата, нашата земја ќе ја посети Неговата Светост, првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава. Достојно на величината на Папата Франциск, Република Северна Македонија, освен гордоста за искажаната чест Светиот Отец да ја посети нашата земја, ги направи сите подготовки за да дочека еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја.

Оттаму веста, за доаѓањето на Светиот Отец Папата Франциск во посета на нашата земја е дочекана со голема радост и благодарност, пред сѐ од верниците католици, но и од сите наши граѓани.
Папата Франциск, современиот првенец на апостолскиот збор избра да ја посети Католичката Црква и народот во Северна Македонија и на овој начин да ја покаже неговата лична блискост, како и силните симпатии на Ватикан кон нашата земја, каде што секоја година одржуваме заеднички свечености во чест на Светите браќа Кирил и Методиј.

Неговото доаѓање во родниот град на Света Мајка Тереза, која стана моралната совест на светот, во себе носи посебна симболика и порака за помирување и солидарност.

Честа што им е оддадена на нашата земја и на нашите граѓани е дотолку поголема и позначајна и заради фактот што Ватикан и Република Северна Македонија, оваа година одбележуваат значаен јубилеј – 25 години од воспоставување на дипломатските односи.

Сите години од независноста на нашата земја се исполнети со плодна соработка и со заемно почитување со Светиот Престол во Ватикан. Убеден сум дека и во иднина, со заеднички ангажман, ќе го надградуваме традиционалното пријателство.

Затоа, во оваа прилика ги повикувам сите верници и сите луѓе со добра волја во земјата и од соседството, со своето присуство да ја збогатат оваа драгоцена посета и да бидат дел од овој историски настан.“

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток