сре. Дек 4th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Пановски: За реката Дрим имаме стратешката подлога, стручна анализа за проблемите но и решенија

 Помина времето на романтични повици за заштита. Стручната борба дава аргументи за одбрана на вредностите, вели националниот координатор на ГЕФ Дримскиот Проект.

Во пресрет на денот на реката Дрим 5.5, Скопје1.мк разговара со Дејан Пановски, национален Координатор на ГЕФ Дримскиот Проект.

 

Скопје1: Оваа година по 6-ти пат се прославува Денот на реката Дрим. Значење?

Дејан Пановски : Концептот на доделување на Ден на важните природни ресурси е всушност концепт на подигање на свеста за значењето на истите. Ако за вредностите на Охридско Езеро знаеме многу повеќе ,за вредноста на Дримскиот басен имаме помалку информации. Токму овој Ден на реката Дрим ја има улогата да се сензибилизираат јавноста и институциите за поврзаноста на водните системи и потребата од заедничко управување. Тематски оваа година е насочена кон борбата проетив загадувањето со пластика. Генералната порака е една – Без комплетно управување на Дримскиот басен, нема заштита ни на Охридското Езеро. И во тој контекст го водиме целиот процес и проектот.

 

Скопје1: Што е Дримски процес а што Дримски проект ?

Дејан Пановски : Дримскиот процес е комплексен институционален процес воден од страна на државите кои го делат басенот. Структурата на процесот ја предводат надлежните Министерства преку преставници во главното координативно тело Дрим Кор група , помогнато од експертските работни групи. Проектот поддржан од ГЕФ и УНДП му служи на овој процес преку анализи и предлагање мерки. Основна рамка на активностите е дадена преку потпишаниот Меморандум за соработка од 2011 година во кој се предвидени кратко, средно и долгорочни акции за заштита и управување на сливот. Водиме проект и процес заедно и во интерес на  државите.

 

Скопје1: Кои активности се превземени во рамките на Дримскиот проект?

Дејан Пановски :Трета година работиме и веќе завршуваме со Прекуграничната дијагностичка анализа на басенот. Тоа е приличнио стручен и научен пристап на осознавање на проблемите во Басенот. Во тие рамки изработивме 6 тематски извештаи за биодиверзитетот, за социоекономската состојба, за институционалната поставеност ,за хидрологијата , загадувањето и за нексус врската вода, енергија ,храна , кои даваат целосна слика на басенот и неговите суб басени , езерата , Црн, Бел Дрим и Бојана. Паралелно развиваме информативен систем за размена на податоци меѓу државите. Сега точно знаеме што му треба да Дримскиот басен и тоа почнуваме да го преточуваме во Стратешки Акционен План.

 

 

Скопје1: Што значи тој стратешки акционен план?

Дејан Пановски :Стратешкиот акционен план е план на мерки кои државите треба да ги превземат за заедничко управување на Дримскиот басен. Тоа е документ кој треба да се преговара на политичко ниво и во кој треба да се утврдат приоритетите за секоја од државите. Очекуваме тој документ да биде разгледан на мајскиот состанок на Дрим Кор Групата, да биде разгледан и коментиран од надлежните институции и потоа да биде потпишан од надлежните министерства. Тоа ќе биде насока за наредниот период и позиција за инвестирање во приоритетните проекти кои ќе се утврдат. Од стручен аспект ние имаме веќе утврдено дека најголеми проблеми се транспортот на седиментот, зачувување на биодиверзитетот, загадувањето на водите и одржувањето на хидролошкиот режим во сливот.

 

Скопје1: Охридското Езеро е дел од сливот. Што со него?

 

Дејан Пановски : Посебно значење даваме на Охридското Езеро и затоа во фаза сме на изготвување на интегралниот План за управување цо сливот на Охридско Езеро. Тоа ќе е прв ваков интегрален и заеднички билатерален план кои би сакале да го гледаме како Генерален план за управување со сливот на Езерото. Тоа е всушност она што недостасува за да се детерминира иднината на Охридскиот регион. Досега е изработен Почетниот извештај за состојбата , прибрани се податоци за сливот, извршени се две мониторинг кампањи со земање и анализа на примероци на водите . После тоа следи изготвување на Програма за мерки и на самиот план за управување.

Ние ги работиме институционалната и стратешката подлога за управување и предлозите за превземање мерки . Тоа е основа за добивање средства за решавање на проблемите. Политичките одлуки не се нашиот дел, но веруваме дека кај политичките чинители созрева моментот за носење одлуки и решенија базирани на овие изработени акти.

 

Скопје1: Која е пораката за овогодинешниот Ден на реката Дрим?

 

Дејан Пановски : Пораката е  јасна. Стратешката подлога и стручната анализа за проблемите и решенијата ја имаме. Време е за носење на политички одлуки за тоа кои се приоритетите и за превземање на административни и финансиски чекори за нивно решавање. Екологијата денес не чекори веќе сама, туку е само дел од одржливиот развој на општеството. Денес веќе не помага „плачот“, ниту романтичните повици за заштита на природа, туку само конкретната одбрана со аргументи пред оние кои носат одлуки. Тоа е единствен пристап кој бара многу поконкретна борба за заштита на природните ресурси, а не само памфлети за загриженост. Стручната борба дава силни аргументи. Треба да биде поткрепена со граѓанска иницијативност и политичка поддршка.

 

 

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com