Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, денеска пред судот во Лондон изјави дека нема да се согласи да биде екстрадиран во САД, каде што е обвинет за заговор за пробивање во компјутер на Пентагон.
Асанж, кој се појави преку видеолинк од затворот во Лондон, рече дека нема да се „предаде себеси за екстрадиција за вршење новинарство што освои многу награди и заштити многу луѓе“.
Облечен во фармерки и спортска јакна, Асанж се чинеше смирен за време на кратката расправа во лондонскиот магистрален суд Вестминстер.
Судијата Мајкл Сноу изјави дека најверојатно ќе поминат „многу месеци“ пред да се одржи целосна расправа за суштината на случајот на екстрадиција на САД. Судијата закажа процедурално сослушување за 30 мај, а главното сослушување ќе се одржи на 12 јуни.
47-годишниот Австралиец во средата беше осуден на 50 недели затвор во Британија поради прекршување на условите за условна слобода пред речиси седум години и затворање во еквадорската амбасада во Лондон. Во тоа време за него се бараше екстрадиција во Шведска заради сослушување во врска со силувањата и наводите за сексуален напад поднесени од две жени.
Асанж рече дека побарал азил бидејќи се плашел дека ќе биде испратен во САД за да се соочи со обвиненија поврзани со објавувањето доверливи американски воени документи на Викиликс.
Бен Брендон, адвокатот што ја претставува американската влада, во четвртокот изјави дека американските иследници добиле детали за комуникациите во врска со разговор меѓу „свиркачот“ Челзи Менинг и Асанж во 2010 година.
Тој рече дека документите, наводно, симнати од доверлив американски компјутер, содржеле 90.000 извештаи за активностите од војната во Авганистан, 400.000 извештаи поврзани со војната во Ирак, 800 процени за затвореници од Гвантанамо и 250.000 телеграми од Стејт департментот.
Американското обвинение против Асанж носи максимум пет години затворска казна, но тој е загрижен дека САД би можеле да додадат дополнителни, посериозни наводи против него.
Главниот уредник на Викиликс, Кристин Храфсон, во средата изјави дека битката за екстрадиција е „прашање на живот и смрт“ за Асанж.
Џулијан Асанж беше уапсен минатиот месец во Лондон откако се влоши неговиот однос со амбасадата-домаќин и Еквадор го укина својот политички азил.