Коментари

Зоран Крстевски: Излез од криза

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Недостатокот на мир со себе е предизвикувач на многу болести и напнати психички состојби. Кога во себеси носиме голем емоционален товар, тогаш внатрешниот немир целосно нè разјадува и оддалечува од хармонијата на животот. Чувствуваме дека душата ни е повредена и дека треба многу да работиме на личниот развој, ако сакаме да ги неутрализираме емоционалните болки и страдања. Патот кон себехармонизацијата не е лесен, но кој храбро и достоинствено тргнал да го бара излезот, тој и пристигнал на целта.

Во пронаоѓањето на методите што ќе ни помогнат да се извлечеме од кризата, прво што треба да направиме е да бидеме трпеливи. Ако проблемите се наталожувале со месеци или со години, решението не може да пристигне преку ноќ. Некои ситуации на борба, неизвесност и криза се шанса да го промениме односот кон животот и да почнеме похрабро да ја градиме перспективата.

Кинескиот збор за криза има два знака. Првиот знак означува опасност, но другиот знак претставува поволна прилика. Тоа покажува дека кризата е опасна точка, но воедно и можност да сфатиме во каков однос се наоѓаме, со какви луѓе комуницираме, кон кого се насочуваме и од што зависиме. Затоа, клучно е да се опуштиме и да прифатиме дека погрешно сме постапиле што некритички сме верувале во некои лица и непромислено сме влегле во одредени животни ситуации. Кризата не претставува пораз, туку опомена која може да ни го зајакне духот и насочи кон поубавата перспектива. Таа постои за да ни покаже каде грешиме и да нè предупреди дека сме се оддалечиле од патеката на успехот и хармонијата.

Негативните мисли штетат на нашата ефикасност и самодоверба, парализирајќи ја можноста за излез од кризата. Кога песимизмот и разочарувањето ја владеат личноста и кога постојано се лутиме и заземаме непријателски став кон другите луѓе, тогаш страдањето станува дел од нашето живеење. Таквото однесување предизвикува да пристапуваме гневно, фрустрирано, со отпор и негација.

Секој индивидуално ја определува патеката по која се движи низ животот и начинот на кој ги реализира целите. Секогаш треба да имаме на ум дека ако не можеме да го промениме однесувањето на другите, можеме да ја промениме сопствената реакција кон лицата и ситуациите со кои се соочуваме. Илузорно е да чекаме нештата околу нас да се променат, за конечно да го почувствуваме мигот на среќата.

Во животот постојано се преплетуваат подемите и падовите, успесите и неуспесите, така што никогаш не треба да се сомневаме во тоа што ни го наумила судбината. Причинско-последичната законитост укажува дека ништо не е случајно, така што секој го добива тоа што го заслужува.

Отец Пајсиј Светогорски има кажано: „Бог му дозволува на нечестивиот да нè удира со злобата, затоа што со ударите што ни ги нанесува, ја растресува нашата прашина и ја истресува нашата валкана и испрашена душа. Кога човекот ќе се соедини со Бога, нема простор да влезе лукавиот. Тогаш нема ниту причина Бог да му допушти на лукавиот да го искушува човекот за да биде принуден да му прибегне“.

Парите, моќта, статусот и страстите стануваат минорни кога душата ни е повредена, а стресот, кризата и разочарувањето константно присутни. Но, таков е животот и не секогаш ќе бидеме доволно мудри и високо свесни за да ги избегнеме ударите на нечестивата енергија. И не е проблем да се соочиме со јанѕи и тешки животни ситуации, многу поголем проблем е да останеме во тешкотиите, вгнездувајќи ги во својата душа – како навики од кои не можеме да се ослободиме.

Клучот на успехот е да го стопираме паѓањето кон дното и потоа да почнеме храбро и енергично да испливуваме на површината. Кога нештата не се одвиваат на посакуваниот начин, не треба премногу да паничиме, туку да направиме сè што е во наша моќ за да го неутрализираме уназадувањето. Никогаш не треба да целиме кон највисокото, сè додека не се оттргнеме од најниското.

Позитивниот пристап и пуштањето нештата да врват по патеката на заборавот се основни за отворање поубава перспектива во животот. Детоксикацијата на умот бара фокус кон мигот на сегашноста и препознавање на тоа што е добро во нас самите и во своето живеење.

Секогаш треба да се фокусираме кон позитивните нешта и со иницирање оптимизам и самодоверба да го исчистиме емоционалниот смет напластен врз нашата душа. Натрупувањето со туѓите негативни вибрации и опстојувањето во дисхармонични односи никогаш нема да ни донесе мир и среќа во животот. Иницијативноста, оптимизмот и вербата се камен-темелник врз кој се гради успехот и хармонијата. Затоа, погледот треба да го свртиме кон иднината и да почнеме да ги развиваме спокојството и убавите вибрации на постоењето. Нашите вредности ќе излезат на површина само ако со голема почит, нежност и толеранција се однесуваме кон сопствената душа. Кога негативно размислуваме и душевно страдаме, тогаш мирот и хармонијата ја заобиколуваат нашата личност и ништо не може да нè направи среќни и исполнети. Исцелувањето на душата е процес кој бара да не се товариме себеси со грешките од минатото и обвинуваме за пропустите во односите со другите луѓе. Едно е што било, но сосема друго е што ќе биде. Кога со љубов и внимание и пристапуваме на својата душа и сфаќаме дека ништо не е поважно од мирот со себе, тогаш никој не може да нè спречи во напредувањето.

Некои лица се исклучително нечесни, неморални и токсични, така што процесот на целосно ослободување од нивното влијание може да биде многу долг.

Мудрите луѓе кажале дека ништо не може повеќе да го повреди пакосниот човек од туѓата среќа. Тоа е уште една во низата причини зошто умните и духовно изградени поединци стануваат уште поуспешни кога некој ќе се обиде да ги повлече на дното. Мотивацијата е голема вредност и неретко многу нешта зависат од инспирираноста и волјата на личноста. Кога постојат силни предизвици, необични искушенија и разни непријателски влијанија, одредени луѓе уште повеќе се мотивираат и со поголем ентузијазам се движат кон целта. Победата е најголемиот афродизијак на животот, така што колку препреките се повисоки, толку задоволството од остварената победа е послатко. Затоа, сè додека постоиме не треба да се откажуваме од опцијата нашиот живот да го направиме успешен, среќен и хармоничен. За да го постигнеме тоа, неопходно е да веруваме во себеси, да не стравуваме од кризните ситуации и да не манифестираме малодушност во борбата со негативците.

Поединецот кој се потценил себеси никогаш нема да излезе како победник над кризите, притисоците и тешкотиите. Елиминирањето на навиката да им дозволуваме на другите да вршат негативно влијание врз нас или да не омаловажуваат е главниот показател дека се движиме кон вистинскиот пат и себехармонизацијата.

Време е да дејствуваме како победници и да престанеме себеси да се третираме за губитници, кои доброволно прифатиле да бидат слаби, ранливи и исплашени креатори на сопствената судбина.

 

 

 

Најчитани

To Top
Close